Македонските граѓани оценуваат дека институцијата Претседател на Република Македонија е најчесна и ја рангираат како последна на скалата за корумпираност, покажува најновата анкета на ИРИ.
На прашањето, до кој степен сметате дека постои корупција во наведените институции, најголем дел од испитаниците ја оцениле институцијата Претседател како некорумпирана. По Претседателот, според граѓаните, најмалку корумпиран е граѓанскиот сектор, потоа следи Собранието и Катастарот за недвижнини.
Најкорумпирани, според македонските граѓани се судовите, а потоа следат здравствените институции, царината, образовните институции и медиумите кои испитаниците ги оценуваат високо на скалата на корумпираност.
Институцијата Претседател, според анкетата на ИРИ, котира на врвот и по степенот на доверба од страна на граѓаните. На прашањето до кој степен им верувате на институциите во однос на нивните активности во изминативе 12 месеци, 38 отсто од испитаниците се изјасниле дека му веруваат на Претседателот на државата. Поддршка од граѓаните, со доверба од 32 отсто ужива Владата, потоа следи Катастарот за недвижнини со доверба од 29 отсто од испитаниците, па јавната администрација на која и веруваат 26 отсто од испитаниците.
Најмалку доверба од граѓаните, 15 отсто односно 14 отсто, имаат политичките партии, односно синдикатите.
Институцијата Претседател на Република Македонија е и со најголема средна оценка по однос на севкупната работа. На прашањето да дадат оценка од 1 до 5, граѓаните ја оцениле институцијата Претседател на Република Македонија со просечна оценка 2,7, Владата со 2,55 и Собранието 2,31. Граѓаните ја оцениле опозицијата со 2,28, додека медиумите со 2,51.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, меѓу политичките лидери, е со највисоко позитивно мислење кај испитаниците.
Анкетата на ИРИ е спроведена во периодот од 29 септември до 5 октомври годинава, на репрезентативен примерок од 1.106 испитаници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.