| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски се сретна со премиерот и со претседателот на НР Кина (ФОТО)

Премиерот Никола Груевски денеска во Пекинг оствари средба со премиерот на Народна Република Кина, Кечијанг Ли.

sredba-gruevski-li

На средбата соговорниците го поздравија позитивниот развој на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина кои се одликуваат со пријателство, заемно разбирање и меѓусебна поддршка. Соговорниците ги истакнаа и економските односи кои што бележат нагорен тренд и позитивен развој.

Груевски посочил дека Македонија ја поддржува иницијативата на НР Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во рамките на процесот 16 плус 1, што ќе придонесе за продлабочување на односите и економски развој на земјите.

Тој изразил задоволство од успешниот тек на изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, кои се реализираат во соработка со кинеската Влада и Ексим банката.

sredba-gruevski-li1

Премиерот го афирмираше интересот и подготвеноста на македонската Влада за шест нови заеднички проекти кои би се реализирале во Република Македонија како резултат на заемна соработка.

-Предложивме нови конкретни проекти за соработка од повеќе области, од сферата на енергетиката, градежништвото, индустријата, проекти од инфраструктурен карактер. Врачивме вкупно шест проекти кои се ставени на хартија, со претходна добра анализа и сите најпотребни информации, за што имаше позитивен прием од страна на кинескиот премиер и подготвеност да се разгледаат од нивна страна во периодот што следува – изјави по средбата премиерот Груевски.

gruevski-kineski-pretsedate

Претседателот на македонската Влада на средбата истакна дека кинеските компании се добредојдени за инвестиции во Македонија, при што ги образложи поволните услови за водење бизнис, поволниот даночен пакет, реформите што се превземаат и можностите кои им стојат на располагање на компаниите кои имаат намера да го прошируваат своето производство.

 

Премиерот Кечијанг Ли посочи дека НР Кина е заинтересирана за и ја поддржува соработката со Македонија. Тој даде позитивна оценка за економските политики на нашата земја и изрази надеж дека во наредниот период ќе се реализираат дополнителни заеднички проекти во областите од заемен интерес.

gruevski-kineski-pret2

Беше договорено во идниот период претставници на двете страни да работат на финализирање на повеќе проекти кои се од заедничко значење и ќе придонесат за дополнително интензивирање на заедничките односи.

Претседателот на македонската влада присуствуваше и на приемот кој е организиран по повод кинеската иницијатива за соработка на земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина  при што се сретна со претседателот на НР Кина Џипинг Си.

Соговорниците ги потврдија пријателските односи меѓу двете земји за што сведочат и интензивираните средби на највисоко ниво од македонска и кинеска страна, и изразија задоволство од нагорниот тренд на развој на меѓусебните односи кои ги следи и зголемена економска активност.

gruevski-kineski-pret1

Премиерот Груевски посочи дека НР Кина е значаен пријател и подржувач на Република Македонија и се заблагодари за досегашната поддршка во рамките на глобалните иницијативи и организации.

Претседателот Џипинг Си истакна дека НР Кина во регионот на Централна и Источна Европа во кој припаѓа и Република Македонија гледа огромен потенцијал за зголемена соработка и за економски развој.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top