Финалната вечер на шестото издание на Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“ ќе се случи денеска (четврток) од 20 часот во Младинскиот културен центар.
Во киното „Фросина“ ќе се прогласуваат победниците и ќе се доделуваат наградите. Водител ќе биде актерот Александар Михајловски, кој во стендап-стил ќе ја води манифестацијата.
Жирито работеше во состав Валентино Скендеровски, музички продуцент и професор на ЕСРА, Бесфорт Имами, камерман и Игор Ангелов – актер. Тие ги избираа најдобрите филмови во категориите најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“; најиновативен филм; најоригинална приказна; најдобра идеја; најдобар филм во програмата млади таленти; најдобра музика во филм во програмата млади таленти.
Наградата за најдобриот филм во категоријата млади таленти и оваа година ќе биде стипендија од Факултетот за аудио- визуелни уметности- ЕСРА, а победникот во категоријата најдобра музика во филм од програмата млади таленти како награда ќе може да посетува курс во музичкото училиште „Ентерпрајз“ од Скопје.
Во рамките на „Мобил фестивал 2015“ се одржаа неколку филмски работилници и се одржаа проекции на анимирани и тинејџерски филмови, чија заедничка цел е поттикнување и развој на кино културата кај младата публика.
„Мобил фестивал“ е во организација на продуцентската куќа „КТ филм и медија“, поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, и во соработка со Кинотека на Македонија, Факултетот за аудио-визуелни уметности-ЕСРА и Центарот за креативен развој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.