Специјалното обвинителство на Катица Јанева, преку Фејсбук соопшти дека по доставените податоци од Јавното обвинителство, изготвен е план за барање на предметите.
Од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуиникациите од Основното Јавно Обвинителство побарале неколку предмети меѓу кои е и, како пишува во објавата на социјалната мрежа, „предметот заведен под КО бр.25/15 (познат како Пуч)“.
Вчера пак, весникот Дневник пренесе информации од Јавното обвинителство на РМ, дека „Предметот ‘Пуч’ поврзан со шпионажа, во кој обвинети меѓу другите се и лидерот на СДСМ Зоран Заев и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, не е на листата со 35 предмети што ЈОРМ и ја достави на Kатица Јанева како предмети што ги водат обвинителствата, а кои се поврзани или произлегуваат од незаконско прислушување“.
Сепак, се додава, по неофицијални консултации со Јанева, ЈО доставиле информации и за „Пуч“, но не затоа што тоа е предмет поврзан со незаконско прислушување, туку затоа што за случајот постоел интерес во јавноста и медиумите, додава весникот. Од обвинителството на Зврлевски додале дека „’Пуч’ воопшто не е предмет кој треба да и биде предаден на Јанева, туку треба и понатаму да биде воден од ЈОРМ“.
Тимот на Јанева денеска објави дека од Основното обвинителство, а потоа и од скопското, битолското и кумановското обвинителство, побарани се предмети по поднесени кривични пријави од СДСМ, а во еден случај поднесена од физичко лице. Станува збор за предмети за наводна злоупотреба на службена должност на владини функционери, давање и примање поткуп, но и фалсификување исправи и повреда на избирачко право. Од кумановското обвинителство се бара предметот против непознато одговорно лице за комуникации во мобилен оператор и против правно лице за кривично дело – Неовластено прислушување и тонско снимање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.