Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, побара од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најголемата воено-политичка организација на светот да ги има предвид новите безбедносни закани и гео-политички асппекти и Алијансата да не го игнорира меѓународното право и пресудата на Меѓународниот суд за правда во однос на Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, средбата Иванов-Столтенберг, што започна во целосен мрак поради проблеми со електричната енергија во седиштето на Алијансата, минала во позитивна атмосфера.
– Оваа средба со генералниот секретар на НАТО е во време кога има многу предизвици, како за нашата земја и регион, така и за НАТО. И Алијансата се соочува со големи предизвици, денот е исполнет со активности што ги има генералниот секретар во однос на новата состојба што ја имаме во Сирија, посочи претседателот Иванов во изјава за МИА по средбата.
Македонскиот претседател нагласи дека му ги пренел на Столтенберг сите очекувања што Македонија ги има како земја-кандидат за членство во НАТО, а во однос на претстојниот министерски состанок што Алијансата ќе го одржи во декември, како и НАТО-самитот во Варшава идната година.
– Имаме нова реалност и мора таа нова реалност да се почитува. Имаме поместување на гео-политичките состојби во светот, се јавуваат нови предизвици и кога ќе се носат одлуките на Самитот во Варшава идната година, НАТО треба да ги земе предвид сите овие нови околности. Исто така, Алијансата треба и конечно да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд од Хаг, бидејќи слушаме како НАТО постојано повикува дека треба да се почитува меѓународното право и превземените обврски, па сето тоа треба да важи и за Македонија, посочи Иванов.
Во соопштението испратено од Столтенберг по средбата, пак, се вели дека тој имал одлична средба со претседателот Иванов, каде што се дискутирало за патот на, како што се вели „Скопје” кон членство во НАТО и за политичките случувања во земјата.
– БЈР Македонија дава значаен придонес за меѓународната безбедност, особено во мисијата на НАТО во Авганистан и во поддршката на КФОР. Нашата соработка е одлична и во текот на изминатите 20 години, имаме развиено важно партнерство и ние сме посветени да продолжиме да го поддржуваме патот на Скопје кон евро-атлантската интеграција, вклучувајќи членство во НАТО. Одлуката на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година за покана се уште стои, се истакнува во соопштението на генералниот секретар на Алијансата.
Во пишаното обраќање кон јавноста на Столтенберг по средбата со Иванов, тој вели дека со македонскиот претседател разговарал и за политичката состојба во Македонија, при што му пренел дека „сите НАТО-сојузници ја признаваат загриженоста на Европската унија за текот на последните политички случувања”.
Столтенберг наведува дека тој ја истакнал важноста за тековните политички и демократски реформи и оти тоа е од витално значење за сите политички партии во земјата „да ги исполнат своите обврски и да придонесат за политички процес кој ќе доведе до нови избори што ќе бидат признати од страна на сите партии”.
– За време на нашата средба, ние, исто така, разговаравме и за миграциските текови што минуваат низ Балканот и на меѓународно ниво, наведува Столтенберг во соопштението.
Претседателот на Република Македонија, информира дека му упатил покана на генералниот секретар на НАТО да ја посети Македонија и „да се увери во сето ова што му го пренел и да ја види актуелната состојба со бегалците, иако НАТО сега не е вклучен во сето тоа, сепак да види што се се случува во овој период и кој се не проаѓа низ македонската територија”.
– Ова бидејќи отсекогаш нашиот простор бил оној што го поврзувал Блискиот Исток, Азија и Европа. Затоа, ја повторив мислата дека зарем требаше да дојдат бегалците за да им укажат кој е најфрекфентниот, најстратешкиот и кој правец е најдоминантен во овој дел од Еврпоа и во светот, дециден е македонскиот претседател.
Претседателот Ѓорге Иванов истакна дека Столтенберг му посочил оти ја следи состојбата во Македонија, знае за сите фрустрации што ги имаат македонските граѓани и оти знае за 16-те Акциски планови за членство (МАП) што Македонија ги има завршено позитивно и дека земјата е секогаш активен чинител и учесник во сите иницијативи и акции што ги превзема НАТО, во однос на тоа што досега го имаше нашата армија како учества и во Ирак и во Авганистан.
– Но, состојбите во светот се такви какви што се и мора постојано да се соочуваме со овие предизвици и да се подготвуваме за новите предизвици. Затоа, тој кажа што се НАТО и помага на македонската Армија, со сите тренинзи и обуки и сета поддршка што ја дава за да можеме ние како држава и нашата Армија, која е долго кандидат за членство во НАТО, да може да се справува со предизвиците и да влијае на општата безбедносна состојба во поширокиот регион, потенцира Иванов.
Сепак, македонскиот претседател беше реален дека Јенс Столтенберг, како генерален секретар на Алијансата, мора да ги пренесува ставовите на земјите-членки на НАТО, а оти Македонија како кандидат се уште не е на истата маса за да ги спротивставиме сите аргументи што ги даваат земјите-членки во наше отсуство.
– Знаеме дека многу земји-членки на НАТО, што не се пријателски расположени кон Македонија, создаваат многу погрешна претстава и сосема погрешни впечатоци кај другите НАТО-членки, без да се има предвид реалноста која постои и колку се обидуваме да ја менуваме истата во позитивна смисла, искрен е Иванов.
Првиот човек на македонската држава истакна дека на средбата не станало збор за зголемување на бројот на македонските војници во мисиите на НАТО ширум светот, бидејќи тоа е на ниво на министри и за тоа разговараат македонските министри со Алијансата.
– Македонија, досега тоа што го имаше и го оствари и завршува мисијата во Авганистан и сега Алијансата се префрлува на нов начин на активности во Авганистан, заврши Иванов.
Со оваа средба со генералниот секретар на НАТО, претседателот Ѓорге Иванов ја заврши дводневната работна посета на Брисел во рамки на која во текот на вчерашниот ден се сретна со првиот потпретседател на Европската комисија, Фрнас Тимерманс, со кого главна тема беше бегалската криза и помошта што Македонија ја очекува од Европската унија за справување со истата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.