Најбараниот терорист, Салах Абдеслам, осомничен за нападите во Париз, за кого е распишана потерница, а европската полиција веќе со денови се обидува да го уапси, наводно побегнал од Белгија во Германија.
„Билд“ пишува дека германската полиција го брка на автопат во близина на градот Ахен и дека ги контролираат сите возила.
Според некои медиуми, Абдеслам во неделата е виден во белгискиот град Лиеж. Наводно тогаш ѝ побегнал на полицијата, тргнал накај Германија и успел да ги избегне полициските контроли.
Меѓутоа, белгиските власти не ги потврдиле тие написи. Сепак, доколку во нив има вистина, тоа би значело дека Салах ѝ побегнал на полицијата по вторпат. Тој и уште двајца мажи се видени и запрени еден ден по нападите во Париз, во близина на француско-белгиската граница. Тогаш го пуштиле бидејќи не бил на листата на осомничени за нападите.
„Билд“ пишува дека специјалци стојат на границата меѓу Белгија и Германија во близина на Ахен. Во неделата навечер полицијата на Ахен добила информација од белгиската полиција дека терористот е виден како со автомобил „БМВ“ оди накај Германија. Според весникот, тогаш започнала голема потера. Автопатот кон Ахен, кој има три ленти, е сведен само на една, а полицијата ги запира и ги контролира сите возила.
Германската антитерористичка единица вчера го пребарала прифатилиштето за бегалци во Гангелт, бидејќи имале информација дека таму се скриваат луѓе од Париз и од Белгија кои би можеле да бидат поврзани со милитантите. Според моментните податоци, во Германија има 427 лица кои се оквалификувани како терористички закани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.