Кремљ со сигурност знае дека рускиот воен авион „су-24“, кој е урнат денеска, се наоѓал над Сирија, во сирискиот воздушен простор, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека во овој момент не би било правилно да зборува за какви било последици по руско-турските односи откако турските ловци го соборија рускиот авион.
– Не би било правилно во овој момент да давам какви било оценки, претпоставки и да изнесувам заклучоци додека не ја добиеме целата слика – изјави Песков за медиумите во Сочи.
Според неговите зборови, Кремљ со сигурност знае дека авионот „су-24“ летал над Сирија.
– Сепак, сѐ уште не сме добиле информации од нашето Министерство за одбрана за причинита за падот на авионот. Знаеме само дека се наоѓал во воздушниот простор на Сирија, над територијата на Сирија -нагласи Песков.
Тој додава дека постои можност претседателот на Русија, Владимир Путин, да се огласи денеска по повод инцидентот.
Песков, исто така, рече дека Кремљ не знае дали посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Турција, најавена за утре, е одложена поради инцидентот со авионот.
– Прашајте го Министерството за надворешни работи – им порача Песков на новинарите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.