Русија денеска или утре ќе ја прекине доставата на природен гас за Украина заради неплатени сметки, изјави рускиот министер за енергетика, Александар Новак. Пред помалку од два месеца Москва ги обнови испораките кон Киев, откако двете земји потпишаа договор за обезбедување на испорака до март следната година. Но, според Новак, Украина извршила само една авансна уплата за гас, заради што Москва ќе ја прекине испораката.
Пред неколку дена украинскиот министер за енергетика и рударство Володимир Демчишин посочи дека „во моментот потрошувачката на гас е помала од очекуваното, па подземните складишта имаат доволно гас за потрошувачка и нема да купуваме“. Постојат повеќе причини за да не се купува гас, додаде Демчишин, на пример очекуваме во првото тримесечје (догодина) цената да е пониска. Затоа, нема потреба од авансно плаќање, порача украинскиот министер.
Русија и Украина на 26 септември со помош на ЕУ по неколкумесечни преговори постигнаа договор за снабдување на Украина со руски гас за време на зимата. Спорот меѓу двете земји изминатите години неколку пати го прекинува дотокот на природниот енергенс до Украина, што во 2009 година ги погоди и земјите од ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.