Со цел соочување и сместување на емигрантите, Грција од Европската комисија досега добила 30 милиони евра од буџетската линија, додека неформалната Влада на Европската унија за проблемот што Македонија го има со напливот на бегалци и мигранти, вели дека се труди „да овозможи комуникација”.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, за постојаното трансферирање мигранти, без да ги селектира дали се бегалци или економски мигранти до македонската граница и што Еврокомисијата подготвува за да оневозможи хаос на македонската граница, со оглед на тоа што Македонија пушта само бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, како и за екскомуникацијата од страна на Грција кон Македонија за ова прашање, портпарол на Еврокомисијата, гркот Маргаритис Схинас, потсети дека на состанокот за западнобалканската маршрута на 25 октомври, што го организираше Комисијата, договорен е систем на комуникација меѓу загрозените земји.
– Моравме да организираме лидерски состанок за да ги присилиме луѓето да почнат да разговараат и ова да продолжи. Воспоставивме мрежа на контакт-точки што работи на неделна база и ги принудува истите, не само да се видат, туку ако некој стори, за тоа да имаат комуникација- посочи Схинас.
Гласноговорничката на Еврокомисијата задолжена за мигрантското прашање, Наташа Берто, пак, потврди дека Европската унија планира да го засили мониторингот на грчко-македонската граница, можеби и со посредство на Европската гранична служба Фронтекс.
– Една од точките на договор на лидерите на состанокот на 25. октомври е Фронтекс да го засили присуството на надворешните граници внатре на грчката територија. Тоа Фронтекс го работи со цел да се направи правен договор за оваа екстра испорака во Грција, за што Фронтекс ги известува редовно сите контакт-точки, што беше сторено и во четвртокот и тоа очекуваме и понатаму да го прави-посочи Берто.
Гласногорничката на ЕК истакна дека вчера Комисијата разговарала со двете инволвирани страни преку видеоконференција со контакт-точките, што следеше по состанокот за западнобалканската мигрантска маршрута. Таа уште еднаш посочи дека на Брисел му е најважно страните да разговараат меѓу себе, а улогата на Европската комисија е тука да посредува.
– Побаравме сите страни да продолжат со дијалогот и да се обидат да најдат заедничко решение за решавање оваа ситуација – вели Берто.
За тоа какво решение предлага Еврокомисијата, за тоа дали ќе се пуштаат лицата што чекаат на граничните премини или треба да се задржат во центри и во кампови, иако земјите од Западен Балкан не ги сакаат економските мигранти, портпаролката одговори дека лидерите на земјите од регионот постигнаа договор и во однос на тоа како ќе се справуваат сите заедно со ситуацијата, а тоа е да го забавуваат протокот на луѓе и да овозможат хуманитарни услови.
– Секоја од земјите што се вмешани се обврза да ги зголеми своите капацитети за прием, за да ги пречекаат луѓето во соодветни услови. Според меѓународното право, покрај европското право, една земја не може да стопира лица што доаѓаат ако истите се баратели на азил, но ако некој дојде на граница и тоа не го побара, тогаш е право на таа земјата да одбие влез – додава Берто.
Инаку, ЕК денеска соопшти дека нема специфична закана за безбедноста по ЕУ-институциите, вклучително и кон Европската комисија, откако белгиските власти го кренаа нивото на безбедносна закана на највисокиот, четврти степен, Портпаролот Схинас посочи дека се засилени безбедносните мерки и дека се откажани сите настани надвор од зградите на ЕУ во Брисел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.