Министерот за надворешни работи Никола Попоски повика нивото на координација меѓу Македонија и Грција по прашањето со бегалците да се крене повисоко, од постоечката комуникација меѓу полициските станици во Гевгелија и Поликастро, на ниво на владите во Скопје и Атина.
На брифинг со група грчки новинари кои престојуваат во Македонија, Попоски беше прашан за очекувањата како понатаму ќе се развива ситуацијата, откако Македонија, по примерот на другите држави на балканскиот пат на бегалците, воведе забрана за влез на економските мигранти. Со овие мерки илјадници жители на Мароко, Иран, Бангладеш, Пакистан и други држави се најдоа блокирани на грчката страна на границата кај Гевгелија, додека се пропуштаат само вистинските бегалци кои доаѓаат од Сирија, Ирак и Авганистан.
– Границата нема да биде затворена, и луѓето продолжуваат да ја преминуваат, но мораме да имаме некој систем на насочување. Потребна ни е координација со Грција. Во моментов, има соработка меѓу полициските претставници, во смисол да се разменуваат информации колку лица доаѓаат од грчкото пристаниште Пиреа, информации потребни за да се подготвиме за нивен прием. Има врска меѓу Поликастро и Гевгелија, но мораме да ја кренеме комуникацијата на ниво меѓу Атина и Скопје. Ние сме загрижени од затворањето на границата од страна на Србија, по примерот на другите земји на север од неа. Македонија е единствената земја во која бегалците влегуваат од држава која е членка на Европската унија и на Шенген зоната, изјави Попоски на брифингот за новинари.
Според Попоски, по терористичките напади во Париз станало јасно дека ќе мора да се воведат системи на проверка на лицата кои минуваат низ балканскат бегалска рута. -Една работа е ако доаѓате од Алепо, каде паѓаат бомби, а друга е ситуацијата ако доаѓате од Карачи, во потрага по подобар живот во Европа. Двете барања се валидни, но мора да се направи разлика меѓу нив, рече министерот.
Попоски додаде дека и покрај барањето од страна на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер итно да се обезбеди подобра соработка меѓу Македонија и Грција по прашањето на бегалците, сепак не се чувствува некој постојан притисок од ЕУ за да се натера Грција на соработка. Посочи дека Грција се противела на распоредувањето на полициската мисија Фронтекс на границата со Македонија, бидејќи тоа би можело да ја попречи во целта бегалците што поскоро да ја напуштат грчката територија. Претходно, на средба со претседателот Ѓорге Иванов, грчките новинари, кои престојуваа во Македонија во организација на американскиот универзитет Колумбија, исто така можеа да слушнат за ниското ниво на комуникација меѓу Атина и Скопје по ова прашање.
Министерот Попоски потенцираше дека довербата меѓу двете земји е на исклучително ниско ниво, што се чувствува во текот на бегалската криза.
Попоски информираше дека се подготвува негова скорешна посета на Атина, откако претходно грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас ја посети Македонија за да разговара за планираните мерки за градење доверба меѓу двете земји.
– Коѕиас беше првиот грчки министер за надворешни работи кој дошол во Македонија на билатерална посета. Сите други средби биле во поинаков контекст. Македонија има нормални билатерални односи со скоро сите земји на светот, а исто така и Грција. Зошто ние меѓу нас не би можеле да имаме нормални односи? На средбата очекувам дека ќе разговараме за мерките за градење доверба. Нема одново да го откриваме тркалото, фокусот на разговорите е на кревањето на нивото на доверба меѓу нашите земји, изјави Попоски.
Според министерот, потребно е да се најде среден пат во македонските односи со Грција – да се решаваат практични прашања важни за граѓаните на Македонија и Грција, но во исто време да се бара начин да се разреши и спорот за името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција