| четврток, 6 декември 2018 |

Гордана Јосифова Неделковска одликувана со орденот „Витез од Редот на уметности и книжевност“ на Франција

Во минатото одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани, а некои од нив се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други

Гордана Јосифова Неделковска, музички селектор на фестивалот „Охридско лето“, е одликувана со престижниот орден на Република Франција – „Витез од Редот на уметности и книжевност“ заради нејзините достигнувања во промоцијата на уметноста во Македонија, промоцијата на македонската уметност надвор од земјата и поддршката на промоцијата на француската култура во Македонија.

На свеченост во француската резиденција одликувањето ѝ го врачи амбасадорката на Франција, Н.Е. Лоренс Оер, која го истакна нејзиниот придонес во ширењето на француската култура и уметност.

odlikuvanje1

– Француската Влада сака да ѝ оддаде признание на г-ѓа Јосифова Неделковска, посебно во областа на уметноста и збогатувањето на вредностите во делот на културата. Со ова одликување Франција сака да ѝ покаже колку ја почитува нејзината работа и придонесот во промоцијата на француската култура – рече француската амбасадорка г-ѓа Лоренс Оер.

Одликувањето „Витез на уметноста и книжевноста“, кое го доделува француското Министерство за култура и комуникации, спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција. Во присуство на амбасадори, директори на голем број културни институции, уметници, пријатели и семејството, Јосифова Неделковска се заблагодари за честа да биде носител на ова мошне угледно признание на Француската Република.

– Особена чест ми претставува тоа што моите долгогодишни заложби и постигнати резултати биле препознаени и вреднувани од страна на Министерството за култура на Република Франција, а по иницијатива на амбасадорката на Република Франција во Македонија, нејзината екселенција Лоренс Оер. Да се доживее ова е повеќе од привилегија, дадена можност за што сум бескрајно благодарна, но истовремено ова ми дава толку возвишено  чувство, што го чувствувам и доживувам како подарок од Бога. Ова признание ме прави бескрајно среќна, но уште повеќе ме задолжува во моите понатамошни вложувања – рече Јосифова Неделковска.

Успехот, според Јосифова Неделковска, е тимска работа на истомисленици, креативци, луѓе предадени на работата, кои веруваат дека најголемата доблест е да се работи за општо добро.

– Јас имам привилегија да работам токму со такви колеги, и токму заради ова институциите во кои што делувам се впишуваат во листата на успешните. Затоа оваа голема награда е, пред сѐ, на фестивалот Охридско лето и на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ова е награда за Македонија – нагласи Јосифова Неделковска, која ја посвети наградата на музиката која според неа има моќ да го менува светот.

odlikuvanje2

На церемонијата на доделување на орденот Витез, во резиденцијата на француската амбасадорка присутен беше и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Одликувањето „Витез од редот на уметности и книжевност“ се доделува од 1957 година и е едно од најпрестижните одликувања во оваа сфера. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција.

Во минатото одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани, а некои од нив се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top