Подобрувањето на инфраструктурата на секоја земја ѝ носи напредок и економски придобивки. Развојот на земјата, но и на целиот регион зависи од градењето автопатишта, кои поврзуваат човечки, економски, но и политички интереси. Луѓето, но и стоката побрзо стигнува на определената цел, што вкупно значи одење напред со крупни чекори. Оваа лекција е одамна научена кај нас, па владата интензивно вложува во инфраструктурните проекти, а градежните компании и работниците ја поддржуваат и активно учествуваат во остварувањето на визијата за развој и за напредок. Од друга страна, пак, градежната оператива вработува голем број луѓе, со што обезбедува егзистенција за нивните семејства. Сѐ на сѐ, инвестирањето во инфраструктурата носи добро за сите. Лошо е (ако така може да се каже тоа) што како резултат на зголемениот обем на работа почнаа да недостигаат градежни работници, но доброто е што тоа ќе значи нови вработувања. Периодов на градежни работи на патиштата се ангажирани околу 2.500 работници. Заеднички е заклучокот дека ако државата нема автопатишта, нема ни развојна линија.
– Инвестирањето во инфраструктурата носи краткорочни, среднорочни и долгорочни придобивки. Краткорочните значат моментно активирање на градежниот сектор и на уште неколку сектори што се поврзани со него, во делот на снабдување со репроматеријали за работа и за градење на автопатиштата. Поголемиот обем на работа ќе значи нови вработувања, но и зголемување на платите на постојните вработени. Среднорочната придобивка на овие инвестиции е што за неколку години ќе се создаде средна класа, која ќе има повисок стандард, побрз проток и движење низ државава. Луѓето ќе можат да живеат во еден град, а да работат во друг знаејќи дека брзо ќе стигнат од еден на друг крај. Долгорочните придобивки се тие што ќе се создадат центри за брз транспорт, па репроматеријалите, но и готовите производи побрзо ќе стигнат таму каде што ќе бидат упатени. Долгорочно, добрите патишта во државава ќе донесат многу туристи, патници, луѓе што на тој начин ќе можат да ја запознаат земјава за наредниот пат да дојдат и да ја посетат – укажуваат стручњаците.

Градежниците, како во изминатите неколку години, така и оваа сметаат дека овој сектор ќе биде двигател на македонската економија.
– Капиталните инвестиции во инфраструктурните проекти гарантираат постојан пораст на градежниот сектор и во наредните неколку години. Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е обезбедена финансиска конструкција, a тоа ни дава за право да се надеваме дека градежниот сектор и натаму ќе биде во пораст. Порастот на градежниот сектор и неговата лидерска позиција како двигател на македонската економија се одразува директно и индиректно во други економски сектори, односно градежниот сектор повлекува пораст на повеќе од 26 други гранки од економијата, кои се поврзани со него. Сепак, тоа што недостига е градежен кадар и компаниите се трудат на сите можни начини да го надминат овој предизвик. Во таа насока, компаниите сметаат дека со отворање Академија за градежни работници при Сојузот на стопански комори, во соработка со Градежната комора, би се едуцирале, односно доквалификувале работниците од други струки, кои не се вклучени на пазарот, со што би се подобрила вкупната состојба во овој сектор. Обуките за работниците се предвидени да траат во период од еден до три месеци – вели Роберт Хот, претседателот на градежната комора при Сојузот на стопански комори.
Во последните 10 години за петпати се зголемени капиталните инвестиции за патишта. Ако пред десет години во патишта се вложувале 38 милиони евра, за 2016 година Владата предвиде преку 200 милиони евра само за патна инфраструктура. Инвестициите во патната инфраструктура претставуваат една третина од вкупните капитални инвестиции, кои Владата ги предвиде за идната година.
В година ќе продолжи работата на четирите автопатишта Демир Капија – Смоквица, Миладиновце-Штип и Охрид – Кичево, кои имаат вкупна должина од 132,2 километри и имаат вкупна вредност од 789 милиони евра. Се очекува да почне и изградбата на автопатот Требеништа – Струга и рехабилитација на автопатиштата Смоквица – Гевгелија, Куманово – Миладиновце и Неготино – Демир Капија со должина од 50 километри и вкупна вредност од 74 милиони евра. Станува збор за изградба на вкупно 140 километри нови автопатишта или 50 отсто од вкупната мрежа на автопатишта во земјава.
В година ќе се работи на изградба на експресни, магистрални и на регионални патишта со вкупна должина од 250 километри нова делница, а ќе се врши рехабилитација и на 156 километри постојни патишта. Ќе се продолжи со изградбата на експресниот пат Велес – Штип, Скопје – Сончев Град, Опае – Бељаковце – Станчиќ и спојот Ново Село – Мариово.
Се планира и изградба на експресен пат Штип – Радовиш, Градско – Прилеп, Охрид – Пештани, Ранковце – Крива Паланка, регионален пат Пробиштип – Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево и Кичево – Дебар преку Извор. Во тек е и рехабилитација на магистралниот пат Битола – Ресен – Буково, регионалниот пат Мокрино – Смолари, Нов-Дојран – Николиќ, Брвеница – Чегране – Гостивар, а во план е и рехабилитација на магистралниот пат Кочани – Делчево, Бошков Мост – Дебар, регионалниот Клепач – Новаци, Делчево – Голак, Мелнички Мост – Центар Жупа, Лажани – Ропотово – Црнилиште и Кривогаштани – Обршани – Воѓани.
Инвестиции во инфраструктурата и подобрување на патната мрежа, освен стратегиска цел на Владата е и едно од главните барања на деловната заедница, но и препорака на еминентни меѓународни финансиски институции. За таа цел во буџетите секоја наредна година владата планира повеќе средства во однос на годината пред неа.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 167. број на неделникот „Република“, 13.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


