Македонскиот шампион РК Вардар в недела ги продолжува настапите во Лигата на шампионите. Во „пеколот“ во СЦ „Јане Сандански“ во рамките од осмото коло ќе гостува европскиот шампион Барселона која пред една седмица во првиот натпревар славеше минимално со 31-30.
Од таборот на „црвено-црните“ најавуваат безпоштедна битка во текот на целиот натпревар и се надеваат на победа и враќање повторно на првото место на табелата.
Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес посакува да се намалат грешките од првиот натпревар и со 100 проценти од можностите да се обиде неговиот состав на стигне до посакуваната победа. Тој секако очекува и огромна подршка од трибините како и досега.
– За само една недела повторно играме со Барселона. Во првиот меч игравме добро, но не бевме на највисокото ниво. Загубивме минимално и желбата на сите е да се реваншираме во Скопје. Екипата беше заморена бидејќи имавме тежок меч со Веспрем во рамките од СЕХА-лигата. По овој натпревар два дена се одмаравме, а потоа со пеколно темпо ги продолживме тренизните за да бидеме максимално спремни. Сепак и со 100 проценти од можностите некогаш е тешко да се победи, поготово против Барселона. Барса, потребна ќе ни биде и поддршката од навивачите, кои секогаш се тука за нас кога ни се потребни. Сакаме да играме меч како против Киелце, но ќе биде многу тешко бидејќи Барса има многу адути и никогаш не знаете од каде доаѓа главната опасност. Таму одличен беше Жалуз, но не знаеме што ќе се случува овде, можеби во ритам ќе влезе Кире Лазаров или некој друг ракометар – изјави Раул Гонзалез.
Неизвесен е настапот на дефанзивецот Илија Абутовиќ, кој поради проблем со рамото вчера тренираше со само 30% интензитет. Далеку подобра е здравствената состојба на Стојанче Стоилов, кој тренираше со полна пареа со остатокот од тимот, но Гонзалез истакна дека утре ќе донесе одлука кои двајца пивоти ќе се најдат во списокот на играчи за неделниот дуел.
Натпреварот се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17.45 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.