„Колку што полошо, толку подобро! Колку што погрдо, толку поубаво!“ – ова е ксенофилската максима на дел од македонската новинарска фела со која наголемо и безобѕирно ја претставува државата во светот. Во оксиморонското мото на јуришниците, се крие и мрачниот профил на креаторите на сликата за Македонија. Слободно можат да ја наречат: „Невистината за Македонија“. Упс, повторно паралела или поверојатно меридијан… За жал, но повеќе од очигледно е дека автори на секогаш црната слика се неколкумина „одбрани“ медиумски сценаристи и режисери, длабоко заглавени во црно-белиот израз. Црнилата секогаш им се извор на инспирација што ги фрла во творечки занес и служи како доминантна боја за опис на состојбите во власта и на милата, секогаш режимска татковина. Белата боја на „професионалците“ се чува строго и само за химните на опозициските дејства. Би станала и доминантна боја за власта, кога тие некогаш би победиле, но опозицијата како за инает не им ја исполнува желбата, а перата како да уживаат во тоа? Да, но овде не се работи за мазохизам, туку за хедонизам и за профит. Прекинот на маките за опозицијата ,која, конечно, би се дограбила до толку посакуваната власт, би значел секнување на изворите од спонзорите што сега со широко одврзани ќесиња и со силен каматен интерес за својата инвестиција работат на враќање на „демократијата“ или, можеби, власта? Констелацијата на нивната поврзаност со Брисел и со Вашингтон, пак, ја поништува онаа старата – Кучињата лаат, а карванот си врви. Во оваа констелација, кучињата со својот лаеж го урнисуваат движењето на карванот, кој за првпат во историјата се обидува да застане на здрави национални и економски нозе. Политичките турбуленции создавани со аполитички средства како бојкот, „бомби“, омраза и протести добиваат ветер во едрата од ЕК, која веќе седум години ни „дава“ препорака за датум за преговори. Статус кво што значи стагнација и немање напредок на ова поле создадено од грчката власт, а со раширени раце прифатено, искористено и дофилувано од македонската опозиција. Балканска верзија на прикаската за лончето и за капачето…


Различни настани, исти прикаски…
Два настана едноподруго во изминатите десетина дена ја покажаа целата грдотија и насобран гнилеж во македонската новинарска фела, а биполарноста и создавањето паралелни светови, очигледно, екстра успешно навлезе и во медиумите. Првиот беше конференцијата „Спик ап” за новинари од Западен Балкан и од Турција во Брисел. Вториот, пет дена подоцна, се одвиваше на истата локација, а зад помпезното име „Извештај за напредокот…“ се криеја старите новинарски информатори, кои со децении ја назадуваат фелата и ја унапредуваат длабочината на својот џеб.
На конференцијата присуствуваа стотици новинари и аналитичари од седум земји-кандидати. Интересно, на речиси десетчасовната сеанса на која се сменија десетици говорници од сите позначајни европски институции, аналитичари, НВО што се занимаваат со медиумите во Европа и во светот, никој не ја спомена Македонија. Освен во набројувањето на земјите. Реално, да не беа македонските новинари, од кои од 20 се пројавија два-тројца, за нашата држава немаше ни да се чуе. Ни за добро, ни за лошо. Брисел е презафатен со прекршувањата на новинарските начела во Турција, па и во Србија, Црна Гора и во Босна. Македонија, очигледно, не им е интересна, ниту итна. И обидот на два-тројцата македонски новинари го однесе ветрот, а Хан на изнесените црнила одговори дипломатски, дури наведувајќи ја Македонија како пример за земја во која политичките состојби се влошуваат поради одложувањата и неможноста да се даде датум за преговори. Во меѓувреме, неговите општи констатации за Балканот, кои најмногу се однесуваа на Турција, дел од новинарите го пренесоа како порака на Хан за Македонија. Ама професионално, нели. Вистината, сепак, за нив остана тажна, Брисел не е потресен од новинарските случувања во Македонија.
Дека информаторите на ЕК се од „професионалната“ група, сепак, покажа извештајот за напредокот. Со едноставно копирање најгрдите зборови на најисфрустрираните од конференцијата беа пренесени во извештајот. Меѓу нив и фамозниот венец за кој многумина велат дека адресираниот е и адресант и испровоцираното замавнување на функционерот врз лицето што без срам истите луѓе што до вчера се потсмеваа со него сега го крстија новинар, а и тој самиот на суд вели дека не е?! Во исто време, доблесните Европејци премолчеа и заборавија на тепањето новинари и сниматели на ТВ „Сител“, на директните закани на лидери на партии по живот на наши колеги и на кршењето медиум! Двојните аршини на Брисел и нагласувањето на опозициските прикаски ги открија нивните информатори, стари излитени лица со дебели врски од минатото и уште подебели паричници токму од нивните проекти, комбинирани со непресушните американски кладенци. За трагичноста на овие атавизми и новинарски конекции, кои информаторите ни на сон не сакаат да ги загубат, а ЕУ, очигледно, не се мачи да ги смени, истите тие кои благодарно црпат од непресушниот „демократски“ бунар на Сорос, зборува и истражувачот Џеј Норлиндгер од американската „Нешнл ривју“. Истовремено со македонската опозиција, која од разочараноста што повторно добивме препорака се трезнеше со неверојатно патетичното тврдење дека тие ја спасиле, нивната десна новинарска рака удри во црното толкување на извештајот, ама професионално, нели…

Димишкова: Извештаjот на ЕК за медиумите е правен од СДСМ!
Го видовме последниот Извештај на Европската комисија, а тој е субјективен и едностран, односно не соодветствува со реалната слика на медиумскиот простор во Македонија, вели Слаѓана Димишкова, претседателката на Македонската асоцијација на новинари (МАН).
ДИМИШКОВА: Жалиме што ЕК не ги заштити медиумите, чиишто приватни телефонски разговори беа објавени и користени за создавање на политичката криза на СДСМ. За дел од новинарите беа организирани јавни жигосувања, а други добија само папки, наводно, со прислушувани разговори. Тенденцијата на поделби на ваши и на наши ЕК ја забележи во корист на уличари, кои себеси се претставуваат како новинари, а притоа да не спомене ни збор за кршењето на основните човекови права со јавното објавување на приватните телефонски разговори на главните уредници на приватните телевизии.
Очигледно, при пишувањето некој го слушал и го гледал само тоа што сакал и што му одговарало. Дел од навредите, заканите, дури и по живот на новинари, воопшто не се ни споменати. Наведени се, благо кажано, само дел од немилите настани, што значи постои селективност, односно пристрасност. Нема реална слика, а, нели, токму за тоа се подготвуваат извештаите, за да се забележи состојбата во различни области во државава. Очигледно е дека се одработува политичка агенда финансирана од амбасади на земји-членки на ЕУ и за проекти исклучително во корист на СДСМ и на неговите медиумски експоненти. Во сето ова се покажува со прст во сите други како лоши момци.
Воопшто не се погрижиле извештајот да биде целосен, туку е темелен само на информации добиени од одделни центри како СДСМ и активисти на фондацијата Сорос, вели Димишкова, која посочува и дека во извештајот не се споменува ниедна форма на притисок ниту жртва од СДСМ, како десетици неосновани тужби од СДСМ, закани од митинзи на новинари и на медиуми, протести пред приватен медиум…
ДИМИШКОВА: Поточно, околу десет навреди, но и напади врз новинари со физички повреди не се забележани во извештајот на ЕК. Тука се нападот врз екипата на телевизија „Сител“, каде што Ивона Талевска и снимателите завршија со видливи физички повреди на Клинички центар, нападот од Стојанче Ангелов врз новинарот Дејан Николовски од „Нетпрес“, заканите и навредите од СДСМ кон новинарот на телевизија „Сител“ Љупчо Златев, закани по живот врз уредниците на „Сител“ и весникот „Вечер“, упадите во програма на повеќе телевизии од лица што себеси се нарекуваат новинари, упадите во „Радио Слободна Македонија“, неделникот „Република“ и други. Дел од случаите се расчистени, а на дел од нив сѐ уште се работи.
На извештајот од ЕК му претходеше неодамнешниот настан во Брисел каде што новинарот, претседател на ЗНМ, Насер Селмани ги исплука колегите новинари и државата зборувајќи на албански. Селмани и во Брисел покажа дека тера политичка и етничка агенда, а не новинарство, уште помалку македонско. Побара, ни повеќе ни помалку, заштита на лица што себеси се претставуваат како новинари, за сметка на што, според него, ЕУ треба да ги бојкотира легално и легитимно избраните државни претставници на Република Македонија. На ова следуваа реакции, односно укажувања дека треба да се штитат новинари, а не лица што не се новинари, да се говори за спроведување професионални стандарди. Но, очигледно, ова некој не сакаше да го слушне. Зачудени беа и претставници од ОБСЕ, кои констатираа: „клеветата е декриминализирана, се создаде Совет за медиуми, се усвоија закони, ама новинарството во Македонија уште не чинело“. И навистина е за чудење.
Во контекст на актуелната ситуација во земјава, нагласува првиот човек на МАН, жално е што за судбината на новинарите и на медиумите решаваат дипломати и претставници на политички партии, кога на маса се разговара за интересите на партиите. За медиумите треба да се разговара, но не во ваков состав и контекст.
Николовски: Македонското новинарство е заложник на еден шизофреничен брак
Судбината на македонското новинарство е исто толку трагична, колку што е трагична и судбината на македонското општество, вели новинарот Марјан Николовски.
НИКОЛОВСКИ: Како што некој од страна во Македонија ги диригира политичките правци на движење на партиите, поради нивната неспособност сами да се договараат, така и во новинарството некој од страна го прави тоа, поради неможноста да го направи самата новинарска фела во државата. Клучно е тоа што и кога станува збор за политиката и кога станува збор за медиумите, има многу пари од надвор што се користат. Прво за создавање лоша слика, за потоа врз основа на таа перцепција да се влечат други пари за нејзино подобрување. Интересно е што тоа го прават исти луѓе со години. Македонскиот „граѓански“ сектор и македонското „независно“ новинарство го создадоа тие луѓе, (лажни авторитети), кои воедно и ги поставија овие искривени вредности во овие два сектора за да можат да ги имаат под контрола (кога се на власт) и за да можат да ги оправаат (кога се опозиција). Тоа се нарекува шизофренија на моќта. Или, попрецизно, македонското новинарство е заложник на еден шизофреничен брак на моќта и на желбата за моќ.
Од друга страна, точно е дека македонското новинарство е далеку од нивото на одговорноста што новинарството ја има во развиените демократски општества. Но, ништо не е поинакво од новинарството на другите посткомунистички држави, а некои и сега членки на Европската унија.
За подобрување на таа слика треба да се работи, но се потребни многу фактори. Од јасно позиционирање на медиумскиот бизнис, до повисок стандард на новинарите, но, пред сѐ, промена на совеста и на свеста во општеството, како што, впрочем, е потребно и за подобрување на многу сфери. Нам ни недостига демократска свест. Ние имаме премногу слободна интерпретација на терминот демократија, а многу малку лична совест за одговорност. Но, тоа што е сосема сигурно е дека тие што направија вакво новинарство (а денес се поделени, едни се со моќта, а други со желбата за моќ) ниту можат, ниту, пак, некогаш ќе го подобрат. Нивна главна цел е новинарството и новинарот да ги канализираат во коритото што ќе го полни базенот кога нивните се на власт, или во веце-шолјата кога нивните се опозиција.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 167. број на неделникот „Република“, 13.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Димишкова:
Николовски: