Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, викендов ќе оствари итна посета на Србија, Албанија и на Република Македонија, по најавите за затворање на границите на овие земји за економските мигранти. Туск планира в недела наутро да ја посети Албанија и да се сретне со премиерот Еди Рама, а истиот ден околу 13 часот да пристигне во Скопје на средби со премиерот Никола Груевски и со претседателот Ѓорге Иванов.
Oд Европскиот совет за МИА ја потврдиле оваа итна мини-турнеја на Туск во трите балкански земји, што ќе биде и негова прва официјална, откако на местото неформален прв човек на Европската унија го наследи Херман Ван Ромпуј.
Причините за итната посета од Советот не ги соопштуваат, но според информациите, поводот е бегалската криза. Инаку во сабота попладне, е предвидено првиот човек на Европскиот совет да допатува во Белград, каде што ќе се сретне со српскиот премиер Александар Вучиќ. Во недела наутро, Доналд Туск треба да оди за Тирана на средба со Рама, а во 13 часот е предвидено негово доаѓање во Македонија, каде најпрво ќе оствари средба со претседателот, а потоа и со премиерот Груевски.
Оваа ненадејна посета на наследникот на Ван Ромпуј, се смета дека е поврзана со редуцирањето на мигрантите, односно со оневозможувањето на транзитот на мигранти преку границите на Македонија и Србија за сите, освен за бегалци од Сирија, Авганистан и од Ирак.
Имено намерата на Евросоветот е во земјите долж западно-балканската мигрантска рута, привремено да бидат сместени 50 илјади бегалци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.