| четврток, 6 декември 2018 |

Крај за сончевите есенски денови, од утре дожд и магла

Најниската температура утрово е измерена во Берово – 3 степени. Во мерната станица Скопје Петровец и Битола се измерени – 2, во Тетово – 1, во Демир Капија и Струмица 0, во Крива Паланка 1, во Кавадарци, Прилеп, Скопје, Куманово, Штип и Дебар 2, во Лазарополе и Гевгелија 3, во Претор, Маврово и Охрид 4, во Виница 6, во Крушево 7 и во Дојран 8 степени.

Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Претпладне, во Демиркаписката Клисура ќе има појава на магла, која постепено ќе слабее. Кон крајот на денот ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер, кој попладне во западните делови, особено на повисоките места на моменти ќе засилува по интензитет.

Дневната температура ќе биде во интервал од 16 до 22 степена, соопшти УХМР.

Во Скопје претпладне ќе биде сончево, попладне со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен југозападен ветер. Максималната температура околу 17 степени.

Времето утре ќе биде променливо облачно и ветровито, а попладне во крајните западни и северозападни делови со повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, кој на моменти на места ќе достигнува брзина помеѓу 50 и 70 км/ч. Во ноќните часови врнежи ќе има речиси насекаде, нешто поинтензивни ќе бидат во западниот и северозападниот дел. Минималната температура ќе се спушти од 1 до 9, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и ветровито, а во ноќните часови со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се движи од 4 степени, а максималната 16 степени.

Промената на времето ќе се почуствува веќе од недела кога ќе преовладува умерено до значително облачно време, претпладне во западните делови се очекуваат пообилни врнежи од дожд, а попладне на повисоките планини има услови за повремен снег.

Во понеделник и во вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а поради продор на постуден воздух од север дневната температура значително ќе опадне и тоа за 5 до 9 степени во однос на денешната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top