| четврток, 6 декември 2018 |

Драконска казна за Работнички, 67.000 денари и два меча без публика

За инцидентот кој се случи во првенствениот натпревар против Куманово на домашен терен, најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички, доби високи казни од Комесарот за натпреварување при Македонската кошаркарска федерација.
Имено во минатото коло во „Градски парк“ гостинскиот тренер Љубисав Луковиќ во период помеѓу третата и четврата четвртина се пожали дека бил погоден од тврд предмет во пределот на окото, по што натпреварот беше во прекин цели 40 минути. Тоа во записникот го забележа делегатот на средбата во својот записник кој го достави до комесарот.

lukovic

– Во моментите кога требало да започне 4 четвртина, од страна каде беше сместена навивачката група на домашната екипа долета тврд предмет (монета) при што бил удрен тренерот на гостите Луковиќ Љ. Тренерот на гостите се упатил кон средината на теренот а потоа и кон трибината на гостинските навивачи но истиот бил вратен од страна на играчот на домашната екипа Мираковски Д. По кратка интервенција тренерот бил повлечен во подтрибинскиот простор. На интервенција на првиот судија и делегатот бил повикан Комесарот за безбедност на домашната екипа од кој било побарано да се качи публиката на домашната екипа два реда погоре и да се постави редарска служба помеѓу навивачите и оградата над кошот. Во тие моменти пристигнал и Командирот на полициска станица Карпош кому од страна на делегатот му било пренесена истата констатација. Додека траел прекинот делегатот без судиите се повлекол кон соблекувалните каде биле тренерот на гостите кому во тие моменти му се укажувала лекарска помош поради оток под окото и делегатот побарал одговор дали истиот ќе продолжи со натпреварот.

Добил одговор дека тренерот Луковиќ Љ. не е во можност да продолжи со водење на екипата на натпреварот и заминал на лекарска интервенција надвор од спортската сала. Отако се вратил на теренот делегатот на првиот судија му ја пренесол констатацијата дека е повреден тренерот на гостите под левото око поради највројатно удар со тврд предмет, и треба да донесат одлука што понатаму. Судијата на тоа одговорил дека натпреварот мора да се одигра и истиот не е за да се повлечат од теренот за да не створеле поголема тензија и да ја испразнат трибината во тие моменти бидејќи тоа би било долг процес, туку пред публиката на домашната екипа мора да се постави редарска служба и натпреварот мора да се доигра од кога ќе се створат услови. После интервенција на командирот на ПС Карпош публиката била качена два реда погоре и биле поставени неколку редари. Откако се створиле минимални услови кои биле побарани во тие моменти, гостите усмено се сложиле дека ќе продолжат со натпреварот и натпреварот продолжил, а екипата продолжил да ја води помошниот тренер Тодоровиќ Страшо.

За време на прекинот помеѓу 3 и 4 четвртина упатени навредливи пораки кон МКФ од страна на домашната навивачка група и службените лица. Натпреварот организиран со низа на пропусти т.е. недоволен број на редарска служба иако домашната екипа имала најава дека на натпреварот ќе присуствува и гостинската навивачка група. Максимална ангажираност на Комесарот за безбедност на домаќините согласно ресурсите со кои располагаше на натпреварот. Забелешка дека во иднина при организација на натпревар на истите екипи требало да се обезбеди и поголем број на припадници на МВР од специјалните единици поради тензичноста на случувањата од страна на навивачките групи“ – се вели во делегатскиот извештај за натпреварот.

Врз основа на овој извештај, Комесарот за натпреварување донесе одлука Работнички следните две домашни средби да ги игра пред празни трибини, а воедно најтрофејниот македонски клуб ќе треба да плати и вкушно 67.000 денари, од кои 40.000 денари за фрлање со тврди предмети, по 10.000 денари за плукање и за националистичко навивање, 5.000 денари за неспортско навивање и 2.000 денари за слаба редарска служба.

Покрај тоа, клубот од „Градски парк“ е должен по истекот на суспензијата да постави заштитна ограда по целата должина (по можност од плексиглас) на трибината – гледано кон десно од записничката маса, а донесена е и одлука екипата на КК Работнички по завршувањето на казната по став број 4 од Билтенот бр.7, на натпреварите како организатор-домаќин нема да дозволи присуство на гледачи на делот од трибината која се наоѓа над клупата на гостинската екипа (се однесува на целокупниот дел од трибината над клупата на гостинската екипа).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top