Од 15. ноември почна со работа игралиштето за хокеј и за уметничко лизгање во СЦ „Борис Трајковски“. Почна со работа и школата за уметничко лизгање, а има и термини за рекреативно лизгање.
– Секој може да дојде и да изнајми лизгалки или, пак, да си донесат свои и да уживаат на вистинскиот мраз. Секако, тука се и тренинзите за хокеј. Откако функционира нашето игралиште за хокеј и за уметничко лизгање, секоја година сè повеќе граѓани доаѓаат и го поминуваат своето слободно време лизгајќи и забавувајќи се на мразот, а особено сум горд и на нашите натпреварувачи во Школата за уметничко лизгање, кои покажуваат дека во Македонија има талентирани деца за лизгање со освоените медали на меѓународните натпревари – изјави директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински.
Како и минатите сезони, така и оваа сезона на лизгалиштето ќе се сориведуваат различни програми на рекреативно лизгање со кои уживањето и добрата забава за време на лизгањето е загарантирана, а со работа продолжуваат и школите по хокеј и по уметничко лизгање.
– Моментно имаме три групи што тренираат во нашата школа. Децата што се натпреваруваат тренираат минимум пет пати неделно, двапати на ден, еднаш наутро пред училиште, а потоа и попладне. Тие што сакаат да научат да лизгаат и тие што сакаат само рекреативно да се занимаваат со лизгање тренираат трипати неделно. Секој може да се запише во нашата школа и да почне да лизга. Препорачаната возраст е четири години, додека горната граница не постои, што значи секој што сака да лизга може да дојде во СЦ „Борис Трајковски“ и да ни се придружи. Почетниците и тие што сакаат да научат да лизгаат можат да нè најдат во Школото за почетници секоја среда од 18.45 часот, сабота и недела во 10.15 часот. Оваа година со нашите лизгачи што се натпреваруваат планираме да одиме на шест меѓународни натпревари, првиот е во декември во Нови Сад, таму се натпреваруваме веќе традиционално. Подготвуваме нови кореографии, музика, полека ја планираме и новогодишната претстава. Јас сум многу задоволна бидејќи имаме многу талентирани деца, тие се дисциплинирани, сакаат да работат и се желни за успех – изјави првата жена тренер по уметничко лизгање во СЦ Борис Трајковски, Ксенија Јасташењски Симиќ.
Билетот за рекреативно лизгање изнесува 100 денари, а изнајмувањето на лизгалки чини 50 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ангела Прилепчанска, првата претставничка на Македонија во натпревар по уметничко лизгање (Видео)
-
Шведска посреќна во пенал-рултет, голманот Луквист е херојот за нова светска титула во хокеј (видео)
-
НХЛ ѕвездите дефинитивно нема да бидат дел од Зимската олимпијада во Пјонгчанг
-
Хокеарската репрезентација за заедничка Македонија: Нашите дресови се „црвено-жолти“ и такви ќе останат!