| четврток, 6 декември 2018 |

Сведоштво на Македонец во Париз: Миговите додека не се чувме со внукот траеја вечно

Љубе Златевски е Македонец што долги години живее во Париз, на Пигал, формирал семејство, има син и ќерка и четири внуци. Се доселил во далечната 1968 година и зборувајќи за тоа време знае да рече „дојдовме во период кога тука имаше големи безредија, но, еве, останавме до денес“. Но, овој пат не го побаравме да зборува за безредијата од пред половина век, туку за тоа како ги преживеале минатонеделните терористички напади во француската метропола, пишува „Нова Македонија“.

– Што да ви кажам друго. Сите сме потресени, исплашени, вознемирени. Бевме дома во петокот вечер со сопругата и ништо не навестуваше дека ќе имаме немирна вечер. Внукот од ќерката беше излезен со друштвото во Десеттиот кварт и изгледаше дека ќе биде сосема нормално излегување, како и многупати пред тоа. Но малку подоцна, кога телевизиите почнаа да ја прекинуваат програмата и да емитуваат снимки од местата на кои дојде до нападите на терористите, сфативме дека тој е само на 500 метри од епицентарот на случувањата. Тие неколку минути додека да го слушнеме на телефон мислам дека траеја вечно. За среќа, 18- годишното момче беше на сигурно, на домашна забава кај еден од другарите, и нѐ информира дека се блокирани во зградата каде што се собрани, не можат да излегуваат надвор од неа, но дека внатре се безбедни и ќе го чекаат развојот на настаните. Подоцна, кога завршија нападите, тој нѐ информира дека сепак ќе остане да преспие во станот каде што се беа собрале, за да не се изложува на непотребен ризик – се потсетува на петочната вечер нашиот соговорник.

Сега, кога веќе минаа неколку дена, Златевски се потсетува дека тие дома биле крајно загрижени, што е и нормално, но најважно е што внукот се вратил жив и здрав, бидејќи се наоѓал многу блиску до жариштето на крвавите настани што го потресоа светот.

– Веќе во саботата наутро имавме многу појасна слика за она што се случило вечерта. Во согласност со препораките на Владата, никој не излегуваше од дома и улиците беа застрашувачки празни. Знаете, ние живееме на Пигал, тука е и Монмартр, места во кои вообичаено врие од туристи. Овој пат таа слика ја немаше, во саботата и во неделата градот беше мртов. Толку години сум во Париз, досега не сум го видел градот ваков – објаснува Златевски.

Целото сведоштво на Златевски прочитајте го на „Нова Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top