| четврток, 6 декември 2018 |

Разделбата не значи збогување со децата

Да, подобро е детето да има еден дом, но, кога сѐ е нормално. Во случај кога родителите не се во ист дом, побитна е непречената комуникација на детето со двајцата родители – смета Рибаровски, еден од иницијаторите за законски измени

Кога ќе се разведеш од брачниот партнер, ако не го добиеш старателството, автоматски мораш да се разведеш и од децата – велат разведените родители. Во принцип, сите се согласуваат дека тоа е некое непишано правило, но немаат сите ист став околу тоа како треба да се регулира гледањето на детето по разводот.

Пред шест месеци беше започната Граѓанска иницијатива за воведување на поделено, односно, двојно старателство. Наум Рибаровски, претставник на Граѓанската иницијатива, негодуваше околу тоа како Центрите за социјална работа носат решенија за гледање на децата кога родителите се разведени. Според него, тие изрекуваат решенија според кои гледањето на децата е крајно ограничено, односно, не повеќе од пет-шест дена во месецот, а за време на празници не повеќе од 24 часа.

– Ова за нас е негативно, затоа што никој од нас не е криминалец или насилник, сѐ уште сме истите луѓе, истите родители кои си ги сакаат децата и по разводот, а исто така и децата ја имаат еднакво потребата да нѐ гледаат нас и да бидат со нас исто како што било додека траел бракот. Ситуацијата во која се наоѓаме е неправедна и фрустрирачка поради повеќе причини – прво, во Законот за семејство пишува дека родителите имаат еднакви права и обврски, независно од тоа дали се или не се во брак и тука сакам да кажам дека оваа одредба што ја има во Законот директно се коси со начелото на еднаквост, кој се провлекува низ целиот Закон. Освен тоа, во Законот никаде не пишува колку родителот што не го добил старателството треба да го гледа детето. Па, според тоа, не знаеме каде се содржани овие одредби дека треба да ги гледаме децата не повеќе од пет-шест дена месечно и, веројатно, само вработените во центрите знаат од каде произлегуваат – смета Рибаровски.

 

Подеднакво старателство – траума или благодат

Но, не го делат истото мислење сите родители кои се во таква ситуација. Триесет и четиригодишниот Коста Миленковски, кој е татко на едно дете, разведен од сопругата, смета дека не постои можност старателството да биде подеднакво поделено на двајцата родители.

– Не сметам дека постои можност да се подели старателството подеднакво за двајцата родители. Родител сум, ми недостасува моето дете секогаш кога не е со мене, но не се согласувам со таквата идеја. Особено тоа е невозможно доколку се работи за дете кое е помало од три години, каков што е и мојот случај. На дете на таа возраст му е многу попотребна мајка – вели тој.

Според него, најдобро би било родителите меѓусебно да се договорат околу тоа кога и како може да го гледаат детето. Но, честопати, тоа е оневозможено поради меѓусебната некомуникација и „хипотеката“ која родителите ја носат од претходно. Затоа, коментира Коста, постојат Центрите каде што треба да се постигне некој договор, односно да се донесе решение кое треба да го почитуваат двајцата родители. Мора, вели тој, да се знае каде е детето, каде живее. Не се согласува дека разводот е и развод со детето, иако, признава, таквиот чекор има последици врз детето. Сепак, односот со детето пред сѐ зависи од родителот што не живее со него, односно од тоа каков однос тој ќе изгради со сопственото дете.

И разведената Марија Мазнева, мајка на четиригодишно дете, не се согласува со иницијативата за подеднакво старателство. Според неа, без разлика кој ќе биде старател – мајката или таткото, детето мора да има дом каде што живее.

– Што е со дополнителните трауми што ќе ги преживува детето?! Колку е здраво детето да нема постојано место на живеење?! Нема постојаност, нема стабилност. Додека се приспособило на едно место, го зема другиот родител, па се приспособува таму. Едно е промена за викенд или ден-два во неделата, друго е кога се работи за постојани промени – на една или на две недели. Дали психолозите се согласуваат со ваквата идеја?! Според мене, нелогично е да му се прави тоа на детето. Детето секој втор викенд е кај својот татко, и во текот на неделата еден ден престојува кај него. Сметам дека без разлика дали е кај мајката или кај таткото, тоа дете мора да има постојан дом – коментира Марија.

Никола Мирчевски е со сосема поинакво размислување. Тој се согласува со Граѓанската иницијатива за еднакво старателство бидејќи не гледаат сите родители по разводот што е најдобро за детето, туку напротив, го користат детето за уцени. Според Никола, детето најчесто ѝ се доделува на мајката, но секоја мајка не се посветува на сопственото чедо. Има и такви кои воопшто „не мрдаат со мал прст“.

– Денес има многу мајки кои имаат побитни работи од детето. А ти како татко, не можеш да помогнеш. Детето по автоматизам оди во бестрага. Затоа сметам дека е добро двајцата родители законски да имаат подеднакви можности. Тие во интерес на детето да се договорат најдобро што можат. А социјалните работници да бидат многу поактивни и да прават проценки дали некој го злоупотребува старателството на штета на детето. Болна е сликата кога татко се разделува од децата што плачат, што сакаат со него. Мајката уште ги кара, па дури и ги удира зашто го бараат, а нему срцето му се кине – вели Никола.

tema166-2

Предлог-закон за решавање на проблемот

Рамноправноста би ги намалила траумите што ги трпат децата поради „битката“ на родителите. Мајката нема да биде таа што одлучува за сите важни прашања што се однесуваат на детето. Многумина сметаат дека недостига изречна одредба во Законот за семејство дека родителите, и по разводот на бракот, заеднички ги вршат родителските одговорности.

– Засега, улогата на таткото, пак, се сведува на плаќање на издршката. Но, мора да се знае и дека, за разлика од мајката, таткото е дискриминиран во однос на можноста да се гледа и да одржува лични контакти со своето дете. Второ, неопходна е целосна реформа на семејното законодавство, особено во делот каде што се регулирани родителските одговорности. Со тоа ќе се подобри положбата на децата. Зар грижата за децата не е најбитна во ваквите случаи? Децата мораат да знаат дека можат да се потпрат на родителите. Потврда за тоа е што речиси секогаш велат дека за какво било недолично однесување на децата причините лежат токму во семејството и во односот што родителите го имаат кон своите деца – коментира во една колумна новинарката Радмила Заревска, дете на разведени родители.

Наум Рибаровски вели дека со проблемот на нееднаквост се соочуваат многумина разведени родители. Затоа, коментира тој, се бара начин да се исклучи можноста едниот родител да го користи детето за уцени. Да, подобро е детето да има еден дом, но, кога сѐ е нормално. Но, во случај кога родителите не се во ист дом, побитна е непречената комуникација на детето со двајцата родители. Со ова, вели тој, се согласуваат и дел од психолозите со кои работеле на Прело-законот, кој е доставен до Собранието. Има и спротивно мислење. Тој посочува дека стручните лица во Министерството за труд и социјална политика, како и во Центрите, се со поинаков став – дека треба да остане онака како што предвидува Законот сега.

Предлог-законот е подготвен во соработка со стручни лица, педагози, правници и со психолози, и во јули годинава е доставен во Собранието. Родителите што ја започнаа оваа иницијатива оствариле средба и со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и со опозициската партија СДСМ. Велат дека последните средби говорат дека кај двете страни постои интерес за промена на постоечкиот закон.

– Бевме на дебата со СДСМ, имавме средба со советник во Владата, а потоа и со општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, по препорака на министерот Диме Спасов. Во Владата не наидовме на голема поддршка од советникот што нѐ прими, но затоа пак, на состанокот во Битола кој се одржа на крајот на октомври имаше големо разбирање за проблемот со кој се соочуваме – вели Рибаровски, кој смета дека е неопходна јавна дебата за да се слушнат повеќе мислења за проблемот со кој се соочуваат сѐ повеќе родители.

Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 166. број на неделникот „Република“, 6.11.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top