| четврток, 6 декември 2018 |

Асани: Имаме пруги и за возови што сообраќаат до 120 километри на час

ирфан

Последниве четири години имаме реконструирано повеќе од 55 километри пруга на Коридорот 10, како и повеќе од 30 до 40 црни точки кај Лисиче, Драчево, Кадина Река, Миладиновци, Романовце, Демир Капија, Ѓорче Петров, Јегуновце…, помеѓу Тетово и Гостивар, па и од Битола до Велес.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани како одговор на обвинувањата од опозициската СДСМ која вчера во соопштение истакна дека македонските пруги се „скапани“.

– Можеби биле скапани во некое време или оставени да седат така 20 години како што е случајот од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка, но пред четири години почнавме да ги рехабилитираме. Нормално дека не претендираме дека сме направиле се и оти сме ги завршиле сите работи, но сме направиле толку големи зафати што денеска значат многу, а тоа е можноста на возовите да сообраќаат од Гевгелија до Табановце со проектирана брзина од 120 километри на час – рече Асани.

Нашите пруги, додаде, се изградени и проектирани со брзина до 120 километри на час и повеќе не можеме да дозволиме.

– Гарантираме дека таму каде што возовите сообраќаат до 120 километри на час не е загрозена безбедноста ниту за 0,01 отсто. Значи, сто отсто безбедноста е гарантирана. Сите сме сведоци дека кај нас немаме несреќи од вид удирање на воз со воз, туку имаме несреќи кои се од хибридниот дел – вкрстување на пат со железничка инфраструктура – рече Асани.

Тој додаде дека само пред четири години имавме делници и делови каде што возот одеше побавно дури и од брзината на човекот кој оди пеш. Но, тоа, нагласи, е веќе заборавено.

– Имаме ситуација каде што поради многу чести дефекти и кражби се случувало да не работи сигурносниот сигнален систем, но исто така согласно правилниците имаме и таква можност кај што не се загрозува безбедноста на луѓето и на сите тие коишто го користат железничкиот сообраќај. Со поставување на камерите или видео надзор долж станиците, а во фаза сме на поставување таков видео надзор и во деловите на вкрстување на железница со инфраструктура и тие проблеми веќе ќе бидат минато. Три месеци по поставувањето на видео надзорот кражбите се сведоа на 10 или 9 отсто, што значи дека за три месеци ни се исплаќа целата инвестиција- потенцира Асани.

Прецизира дека новиот воз, кој вчера имаше промотивно возење, ќе се обраќа само на Коридорот 10, кој е електрифициран, а за Коридорот 8 и другите пруги ќе се користат дизел композиции. Од новите шест патнички композиции, како што нагласи, само две се електрични, а четири се дизел.

– Ниту еден регион од Македонија нема да биде пропуштен. Новите возови ќе сообраќаат и тие се наменети и купени за сите луѓе во Македонија без оглед дали се од една или друга етничка припадност или се од една или друга политичка партија – рече Асани.

Во наредните два до три дена, истакна, ќе биде целосно оспособена и пругата од Битола до Велес каде имаше опасност од одрони, а до крајот на 2016 година ќе биде готов и проектот за железничко поврзување со Албанија кога ќе биде готов и главниот проект за пругата на делот од Кичево – Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top