| четврток, 6 декември 2018 |

И денеска нема возови, продолжува блокадата на железничкиот сообраќај

Железничкиот сообраќај во Македонија петти ден е во целосен прекин поради протестот на вработените кои бараат целосна исплата на јануарската плата.

Како што информираат од Железничката станица во Скопје,  и денеска не сообраќаат патничките и товарните возови.

Според организаторите на протестот, Независниот синдикат на МЖ, СЖМ-Инфраструктура и АНС – Железничар, прекинот на сообраќајот ќе продолжи се додека не се исполнат поставените барања за целосна исплата на платата за јануари.

Од „Македонски железници – Транспорт“ вчера соопштија дека до крајот на месецов ќе изнајдат начин да го исплатат првиот дел од јануарската плата, а од 10 март и вториот дел од платата, што, пак, за синдикатите организатори на протестот е неприфатливо и инсистираат на целосна исплата.

МЖ Транспорт информираше и дека во соработка со Владата треба да се финализира и решението за подолгорочно решавање на состојбата во Македонски железници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top