| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Златна петорка“ влезе во постпродукција

Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ поддржан од Агенцијата за филм на РМ од денес официјално влегува во фаза на постпродукција. Филмот се снимаше интензивно 24 денови на автентични и адаптирани локации во Струмица и струмичкиот регион, а работата на проектот се одвиваше според замислениот план и обем.

На последната клапа во Струмица присуствуваше и директорката на Агенцијата за филм м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, при што таа го изрази задоволството за завршетокот на снимањето на уште еден нов македонски филм. Продуцентот Милошевски и режисерот Тренчовски јавно им се заблагодарија на сите кои беа вклучени во изработката, на финансиерите, како и на поддржувачите на овој филмски проект.

Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ – Скопје, копродуценти се Македонската телевизија и Арт-попкорн од Белград. Главен помагател и партнер на филмската продукција беше Општина Струмица, која меѓу другото, пружи помош со повеќе ресурси и институции кои се во надлежност на локалната самоуправа, со давање дозволи за снимање, со асистенција и логистика на теренот.

Сценариото за овој македонски филм е работено по драмски и прозни мотиви на писателот Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и Билјана Гарванлиева заедно со косценаристот Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, тонот е на Дарко Спасовски-Пацки, а една музичка нумера во филмот изведува групата „Баклава“.

Играниот филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски е замислен како фикција за една прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Во филмската приказна нè водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото. Се додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги кои наведуваат на досието од 1951 при што е ликвидирана група студенти од Струмица.

Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац (Ламариниќ), Јана Стојановска / Љупка Џундева (Ката), Игор Ангелов / Петар Арсовски (Џиџи), Васил Михаил / Ненад Милосављевиќ (Алавантие), Билјана Таневски (Загариева), Дине Дрваров (Кољо), Стојан Велков (Монах); петте студенти ги играа Александар Ристевски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров и Виктор Јакимовски.

Филмот „Златна петорка“ на Горан Тренчовски ќе го монтира Андрија Зафрановиќ и се планира тој да биде готов до крајот на летото 2016 со премиера на некој од светските филмски фестивали.

Во изработката на филмот беа вклучени  голем број филмски работници, статисти и граѓани на Струмица и околните места.Помагатели на проектот беа и Општините Босилово и Василево, како и повеќе субјекти, јавни претпријатија и установи, фирми и поединци од државно и локално ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top