По крвавиот напад во Париз „играта“ на големите сили во Сирија се смени во корист на западноевропските сојузници,вели професорот по безбедност Ненад Танески во разговор за „Република“. Според него, ако Русија успееше да ја уништи ИД и да воспостави контрола врз цела територија на Сирија, САД би загубиле премногу од нивните геостратешки интереси. Танески смета дека постои веројатност нападите во Париз да не биле превенирани и покрај тоа што можеби биле навремено дојавени. Според логиката од 11 Септември, наведува професорот, веројатноста дека ќе видиме или како НАТО влегува во војна во Сирија или ќе видиме некоја нова ад-хок колиција која ќе биде предводена од Франција во војна против ИД е голема.
Колку и од што треба да бидеме загрижени по терористичките напади врз Париз?
ТАНЕСКИ: Ако ме прашувате дали треба да бидеме загрижени од џихадистички терористички напади во Македонија јас мислам дека не. Кај нас бандите и терористичките групации кои оперираат и се поврзани со милитантните исламисти имаат малку поразлична агенда од агендата на глобалниот џихад. Тие пред се имаат иридентистички и сепаратистички цели. Скопје не е некоја сериозна метропола во која би имало жртви од различни држави и различни националности, а во ваков вид на терористички напад би биле загрозени лица со различна конфесионалност и различна националност, што би довело до заедничка осуда на извршителите и од Албанците и од Македонците, а со тоа извршителите и нивните истомисленици би ја загубиле поддршката што ја имаат кај некој процент од месното население, што секако не би им било во корист. Значи ваков вид на терористички напади барем за сега кај нас не очекувам. Но, секако дека треба сериозно да се загрижиме за глобалната безбедност. Говорот на Претсетателот Оланд е многу интересен. Ако внимателно го анализираме можеме да дојдеме до заклучок дека во многу брзо време Франција ќе се повика на членот 5 и ќе бара поддршка од земјите на НАТО да влезат во војна против ИД. Франција го толкува нападот како акт на војна преземен од терористичката армија на ИД, односно џихадистичка армија, што според Повелбата на ОН ќе и даде за право да се брани од напад. Според логиката од 11 Септември, веројатноста дека ќе видиме или како НАТО влегува во војна во Сирија или ќе видиме некоја нова ад-хок колиција која ќе биде предводена од Франција во војна против ИД е голема. По влезот на Русија во Сирија јасно беше дека САД и нивните сојузници не можеа да преземат ништо без согласност на Советот за безбедност на ОН, тоа значеше дека освен да и се приклучат на Русија во поддршка на силите на Асад против ИД на никој друг начин не можеа посериозно да учествуваат во разрешувањето на сирискиот проблем, посебно ако Русија успееше да ја уништи ИД и да воспостави контрола врз цела територија на Сирија. Со таквата завршница САД би загубиле премногу од нивните геостратешки интереси. Но сега веќе играта се смени во корист на западноевропските сојузници. Одеднаш Франција се здоби со многу поголемо право да војува против ИД отколку што тоа го има Русија, а тука се отворија многу сериозни прашања. Како сега ќе одигра Русија? Што ќе се случува со Башар ел Асад и опозицијата на Асад и каков исход ќе има таа војна? Како ќе се одрази тоа врз Русија и нејзината меѓународна позиција? Какво ќе биде јавното мислење, кон бегалската криза, кон џихадистите, кон различните народи и религии и на крајот кон двете страни во новата Студена војна? Ова се прашањата кои се од исклучително значење за меѓународната безбедност, а кои ќе треба да ги анализираме во наредниот период.
Како што ни објаснивте излегува дека Франција имала интерес вакви напади да и се случат?
ТАНЕСКИ: По 11 Септември целиот свет зборуваше дека сите се Американци, по 13 ноември целиот свет зборуваше дека сите се Французи, по 11 Септември додека светот уште не беше освестен Авганистан беше бомбардиран, а Талибанците симнати од власт. Најавата дека ИСИС ќе биде нападната, меѓу редови, пристигна уште истиот ден на терористичките напади. Единствено ќе треба уште некој ден да причекаме за составот на новата ад-хок коалиција. Година дена по нападите од 11 Септември почнаа да излегуваат најразлични теории на заговор за тоа кој е организаторот на нападите. Искрено нема да ме чуди по година дена да се појават најразлични краткометражни и долгометражни документарци кои ќе ги третираат терористичките напади во Париз од позиција на теорија на заговор. Според мое мислење постои веројатност нападите да не биле превенирани и покрај тоа што можеби биле навремено дојавени. Ако до пред нападите меѓународното јавно мислење беше негативно настроено кон САД и неговие сојузни Британија, Франција и Италија прозивајќи ги постојано дека тие се виновни за состојбите на Блискиот Исток, само преку ноќ целиот свет се солидаризираше со Франција, а по некој осамен глас се обидуваше да потсети дека еден ден претходно истото се случи и во Бејрут. Аватарите на социјалните мрежи масовно се прекриваа со француското знаме, но ниту еден со Либанското. Масовно се пишуваа твитови и постови со поддршка на францускиот народ, а препознатливите објекти во многу светски престолнини беа осветлени во боите на француската тробојка. Значи солидизирањето со Франција е постигнато, а откако Франција ја доби потребната меѓународна поддршка сега на неа е редот. Не мислам дека во ист број, на ист начин и со иста жар ќе биде поддржана нејзината акција против ИСИС и новата воена акција што ќе донесе нови бегалски кризи и нови жртви, но мислам дека нема да биде осудена од јавното мислење, што на Франција и на сојузниците им е потребно за почеток.
Што со бегалската криза и колку кризата беше причина за овие терористички напади?
ТАНЕСКИ: Бегалската криза со сигурност ќе продолжи и понатаму. Повторно како и пред шест месеци ќе кажам дека проблем не се бегалците проблем се повратниците од боиштата во Сирија и Ирак. Повратниците (џихадистите) не можат на легални премини со легални патни исправи да се вратат во своите матични држави. Ако пробаат ќе бидат евидентирани и уапсени, но затоа пак можат да се протнат со бегалците без притоа некој да има било какви информации за нив на чија територија се наоѓаат. За да вие подготвите џихадист за терористички напад кој никогаш не стапнал на европско тло е долг процес. Треба да го научи градот, улиците, да го обучите како да се движи, како да се однесува, едноставно како да стигне до целта. Но оваа подготовка не е потребна за некој кој го познава градот, културата начинот на живеење, објектите итн., односно за некој кој е роден и израснат во Европа, а прошол низ сите обуки и индоктринации во џихадистичките кампови и се борел на терен. Значи независно дали станува збор за еден, два или три милиони бегалци тие сами по себе не претставуваат основа за зголемен број терористички активности, туку нивното движење го користат борците (џихадистите) кои не можат да влезат на легален начин во земјите од Унијата. Со други зборови се додека не се стави во ред движењето и идентификацијата на бегалците, повратниците ќе ја користат кризата и нивната маршута и лесно ќе се префрлуваат низ европските држави.
Дали тоа значи дека бегалците не претставуваат никаква закана за безбедноста на Европа?
ТАНЕСКИ: Не, не е така. Што е поголем бројот на бегалците, толку повеќе ресурси ќе им бидат потребни на државите низ кои тие минуваат, како и на државите што се нивни крајни дестинации. Не станува збор само за материјални ресурси како храна, облека, ќебиња, покрив над глава, туку и човечки ресурси кои не се само социјални работници, туку се и од редовите на полициските сили. Со ангажирање на полициски сили и оперативци за регулирање на бегалската криза (идентификација, расчистување на противправни дејствија, воведување ред во бегалските кампови, чување на бегалците од десничарските сили итн.) ги слабеете силите за безбедност кои се потребни за откривање и превенција на евентуални терористички напади. Значи не мислам дека бегалците не претставуваат никаква закана, туку мислам дека тие се причина за слабеење на капацитетите на државната безбедност, а тоа остава простор за поедноставно или полесно изведување терористички акции.
Дали метална ограда е некакво решение?
ТАНЕСКИ: Металната ограда не е решение за да се намали бегалската криза. Бегалци во Турција кои чекаат да најдат начин да стасаат во Европа се над милион. Значи кризата ќе продолжи. Ако нив морето не ги сопира, студот не ги сопира, ниту оградата ќе ги сопре. Но оградата може да одигра значајна улога за подобра контрола на бегалците и нивно евидентирање. Според мене границата со Грција е многу порозна и тешко се контролира. Ви треба многу човечки ресурси за да можете да ја обезбедите и контролирате, а дури и тогаш повторно може лесно илегално да се премине посебно ако станува збор за обучени борци. Така да функцијата на оградата не би била во никој случај порака кон бегалците дека тие не се добродојдени и дека нема да се дозволи нивен премин преку Македонија кон нивните крајни посакувани дестинации туку нејзината фунција би била во насока на контрола на бегалците и мигрантите кои транзитираат. Дури мислам дека функцијата на оградата е од големо значење и за земјите од Унијата. Евидентирањето на секој бегалец во Македонија е многу битно. Македонија е првата дестинација каде според мрежите на џихадистите стапуваат со врска која им го обезбедува и им помага на патот до земјите од ЕУ, дополнително што во Македонија се уше може да се најде и илегално оружје многу полесно отколку во земјите кои се крјана цел на повратниците.
Значи ли ова дека Македонија е дел од идеолошката цел на џихадистистички припадници на исламскиот фундаментализам и радикалниот ислам?
ТАНЕСКИ: Активното учество на македонски граѓани на џихадистичките фронтови во Сирија и Ирак во редовите на Исламската Држава, драстично го привлекоа вниманието на меѓународната јавност и ја промовираа Република Македонија во земја во која се активни исламистички структури поврзани со глобалните џихадистички движења доследни на идеологијата на милитантниот исламизам и остварувањето на нејзината крајна цел – глобален калифат.
Меѓутоа за конкретен одговор на оваа „непопуларно“ прашање во Република Македонија, пред се неопходно е прецизно дефинирање на поимите. Во новонастанатата безбедносна средина по настаните од 11 Септември, фундаментализмот, редовно се поврзува со исламскиот фундаментализам и екстремизмот, а особено со тероризмот. Кога терористичките акти се поврзуваат со религијата, тогаш приврзаниците на таа религија (особено ако се малцинство) заземаат одбранбена позиција, бидејќи е ставен во прашање нивниот идентитет и лојалност кон нацијата/државата на која тие се граѓани. Ова искуство го доживуваат муслиманските малцинства во западните општества по настаните од 11 Септември. Најчесто поимот радикален ислам и религиозен фундаментализам се јавуваат во негативен контекст и без особено размислување се поврзува со исламот. Да се биде исламски фундаменталист значи да се повикуваш на изворните, темелните вредности на исламот – куранот кој налага разбирање и заемно помагање меѓу луѓето. Конечно исламот како монотеистичка реигија, како и христијанството, смета дека сите луѓе се чеда на иста божја сила, сеедно дали ќе се означи како „Бог“ или „Алах“. Доколку на еден муслиман му кажеш дека не е фундаменталист, со тоа ќе го навредиш. Вака гледано религиозниот фундаментализам е позитивен.
Од секогаш исламската заедницата имала интерес да ги спои верниците со едно заедничко чувство на идентитет и одговорност, а за некои муслимани тоа би се постигнало преку воспоставување на исламска држава управувана според шериатскиот закон и кодекс. Помеѓу нив постои широко распространето верување дека исламот не е само религија, туку непроменлив општествен поредок кој ги опфаќа сите области од животот, вклучувајќи ги државата и спроведување на законите. Според нив верувањето во Исламот како целосен начин на живот, подразбира дека не треба да има поделба меѓу религијата и политиката. Всушност во овој дел е и основата на терминот исламизам. Муслиманските политички активисти – исламисти веруваат во комплетниот и холистички карактер на обновениот ислам кој опфаќа din (религија), dunya (заедница) и dawla (државата). Ова е центарот на нивната политичка идеологија.
Според исламистите, современите муслимански општества се дегенерирани во состојба на jahiliyya – неверување во Бога и прифаќање на западните концептите на национализмот, секуларизмот, социјализмот, комунизмот, демократијата и капитализам, кои се во директна спротивност на пораката на исламот. Со цел да се надмине оваа состојба, според исламистите, потребна е декларација за тотален суверенитет и владеење на Бог. Ова би се остварило преку битката на jihad. Многу повеќе од било кој друг израз или збор, џихадот има моќно значење и влијание помеѓу муслиманите, особено помеѓу исламистите, за кои овој збор е изворот на нивната милитантност.
Значи исламизмот е политичка идеологија што се стреми кон создавање држава и општество врз основа на религијата и шеријатскиот закон и како најсоодветен термин еквивалент на сите претходно користени термини кој имаат сосема друго значење во муслиманскиот свет, а кој во вистинско светло ќе ја идентификува заканата е милитантниот исламизам. Милитантниот исламизам е термин што се однесува на група или поединци што користат насилство во функција на остварување политички цели инспирирани од исламистичката идеологија. Милитантниот исламизам повикува на најстрого толкување на Куранот, делата и учењето на пророкот Мухамед. Таквото строго толкување на исламот е подеднакво спротивно како на верувањата на муслиманите, така и на немуслиманите. Милитантните исламисти се против западните демократии, блискоисточните влади и институции и исламистичките политички партии кои во изборните процеси во земјите во кои се активни учествуваат без употреба на насилство.
Последниот случајот од 6 Август оваа година, кога во оперативната акција на безбедносните служби, беше разбиена ќелија за регрутација на борци за ИД во Сирија и Ирак е сигурен показател дека во Македонија, се користат верски објекти за индоктринација, радикализација и регрутација на идните милитантни исламисти на ИД. Во слична акција преземена од страна на германските безбедносни служби на 22 септември 2015 година во Берлин, уапсен е македонски државјанин кој бил дел од милитантно-исламистичка ќелија во Германија која регрутирал борци за ИД. Според информациите од МВР околу 130 македонски државјани биле или се на боиштата во Сирија и Ирак како дел од исламистичките терористички групации, а кои биле регрутирани и обучувани во Македонија. Се разбира дека оваа бројка од квантитативен аспект не е голема, но истовремено не смее и да се потцени. Земајќи го предвид фактот дека се бореле за остварување на идеолошките цели на милитантниот исламизам, може да се констатира дека ветераните од Сирија и од Ирак дефинитивно ќе останат лојални на своите лидери и подготвени да постапат по нивните наредби, не само во границите на објавениот Калифат, туку и надвор од нив. Врз основа на досегашната анализа за продорот и посочените примери за дејствувањето на милитантните исламисти, може да се констатира дека Република Македонија, полека но сигурно, прераснува во стратегиска точка од која зависи крајната цел на милитантно-исламистичката идеологија која ја спроведува ИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.