Градот Скопје од денеска почна со прскање на улиците и булеварите во општина Аеродром со калциум магнезиум ацетат со цел намалување на загадувањето на амбиентиот воздух.
Со овој процес ќе бидат опфатени булеварот “Трета македонска бригада”,поточно од крстосницата со улицата “Коста Новаковиќ” до раскрсницата со булеварот “Србија” и булеварот “Србија” од крстосницата со булеварот “12.Македонска бригада” до крстосницата со булеварите “Видое Смилевски Бато” и “Јане Сандански”, а третирањето ќе се врши два пати дневно.
– Анализите од досегашното прскање укажуваат дека ова средство има ефект на намалување на загадувањето и ние ќе продолжиме со третирањето на градските улици и булевари. Паралелно со оваа мерка, инспекциските служби на Градот Скопје во соработка со инспекциите на општините во Скопје се на терен и вршат контрола на градилиштата и на фирмите дали истите работат согласно поставените еколошки стандарди, изјави градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска на означувањето на почетокот на прскањето во Општина Аеродром.
Градоначалникот Ивица Коневски изјави дека службите на Општина Аеродром ги преземаат сите мерки кои се во нивна надлежност за намалување на загаденоста и дека инспекциските служби на Општината се во постојана комуникација и координација со инспекциските служби на Град Скопје кои се на терен.
Средството калциум магнезиум ацетат се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен,односно нема да предизвика оштетување на возилата. Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период.
На улиците каде се нанесува ова средства брзината е ограничена на 40 километри на час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците, како што наведуваат од Градот Скопје, е веќе поставена и соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има подготвено сообраќаен проект.
При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето.
Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти.
Последните мерења на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат високи концентрации на овие честички во воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Велес.
Во 12 часот во Центар се измерени 97 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, во Карпош и Лисиче 61, во битола 69, кај Ректорат 62, Битола 85, Тетово 147 и Велес 64 микрограми на метар кубен.
Според мерењата повисоки концентрации има во текот на ноќта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.