| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов до Оланд: Македонските граѓани, како и секогаш, ќе застанат зад слободољубивите граѓани на Франција

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Париз,упати сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

Почитуван господине Претседател,

 Со шок, неверување и чувство на огорченост ги примив потресните вести за терористичките напади во Париз и длабоко жалам за изгубените животи од варварскиот чин. Ова е напад не само против граѓаните на Париз, туку и против врвните европски и општочовечки вредности и принципи.

 Господине Претседателе, додека Франција минува низ овие тешки моменти, врвен приоритет за целата меѓународна заедница треба да биде соработката и солидарноста во борбата против злото, а во одбарана на споделените демократски и цивилизациски вредности. Овој злосторнички чин нема да не поколеба во одлучната борба против тероризмот. Нема да дозволиме терористите да го посеат семето на стравот, екстремизмот и хаосот во Европа. Македонските граѓани, како и секогаш во историјата, ќе застанат зад слободољубивите граѓани на Франција во борбата против непријателите на мирот, слободата и правдата.

 Во овие тажни мигови за Вас и граѓаните на Француската Република, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да упатам длабоко сочувство. Нашите мисли и молитви се со Вас и семејствата на настраданите и повредените.

д-р Ѓорге Иванов

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top