Рускиот претседател Владимир Путин, денеска изјави дека постои опасност ситуацијата во источна Украина да доведе до „замрзнат конфликт“, објави Ројтерс.
– Не би сакал премногу да го драматизирам доцнењето во спроведувањето на договорите во Минск. Иако со некои потешкотии, тие се исполнуваат и што е најважно, предвидените принципи и логика не се ставаат под сомнеж. Зборуваме само за техничко продолжување на временската рамка, посочи Путин во интервју за „Интерфакс“ и агенцијата Анадолија.
– Но опасноста во Донбас да се сретнеме со нов замрзнат конфликт сеуште е реална. Таа произлегува од политиката на Киев, кој продолжува да ја зајакнува блокадата на југоисточните региони.
– Путин исто така, рече дека руската воена авијација извршила напади врз цели во Сирија, наведени од Слободната сириска армија, соопшти Интерфакс. САД и Слободната сириска армија го обвинуваат Кремљ дека бомбардира објекти на ССА, а не на „Исламска држава“.
Русија тврди дека врши напади само против терористичките групи во Сирија.
– Подготвени сме да ја земеме предвид секоја веродостојна информација за тоа каде се наоѓаат терористички групи. Дури сме соработувале со Слободната сириска армија, рече Путин.
Тој додаде дека руските сили извршиле неколку удари против цели наведени од неа, и дека ги избегнуваат областите за кои таа ги информирала дека се под нејзина контрола.
– Овој факт уште еднаш докажува дека ние не бомбардираме така наречена умерена опозиција или цивилно население, посочи рускиот лидер.
Путин, кој ги даде изјавите пред средбата на Г-20 во Турција, исто така, рече дека Русија ги има потребните финансиски и технички средства да ја продолжи воздушната кампања во Сирија, се додека сириската армија има потреба од руската помош.
Рускиот претседател ја повтори позицијата на Москва, дека нема да ја дискутира политичката иднина на сирискиот претседател Башар Асад, бидејќи тоа е прашање за кое треба да се произнесе сирискиот народ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.