| четврток, 6 декември 2018 |

Даријан Пејовски: Мислев дека е супер да направи женски филм

Филмот е камерен и тежиштето е на карактерите, двата женски лика што ги изградија Тоциновски и Ристиќ. ­Актерките се бореа за своите ликови. Нивниот талент и занает придонесе за целиот амбиент, сценариото на филмот падна на нивниот грб и успеаја да го износат. Убаво е да се направи филм од женска перспектива, посебно на Балканот кој е прилично патријархална, мачо-­средина - изјави Пејовски

Дебитанскиот долгометражен филм „Три дена во септември“ на младиот македонски режисер Даријан Пејовски (1983), со кој на 12 ноември во скопското кино „Милениум“ се отвори 14. издание на „Синедејс“ наиде на  одлични реакции кај публиката на двете проекции едноподруго.

Се работи за современ, психолошки трилер базиран на два сосема различни женски карактера (Камка Тоциновски во улога на Марика и Ирена Ристиќ како Јана), кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Двете се заробени во еден простор и единствен начин да излезат од таму е да си помогнат една на друга.

Пејовски заедно со Игор Иванов е косценарист на филмот. Филмот е снимен минатата година и е копродукција меѓу Македонија („Скопје филм студио“) и Косово („Иконе студио“).

Селекторот Бернд Будер го избра за официјалната програма на „Синидејс“ кој првпат во 14 години постоење беше отворен со македонски филм.

– Филмот е камерен и тежиштето е на карактерите, двата женски лика кои ги изградија Тоциновски и Ристиќ. ­Актерките се бореа за своите ликови. Нивниот талент и занает придонесе за целиот амбиент, сценариото на филмот падна на нивниот грб и успеаја да го износат. Убаво е да се направи филм од женска перспектива, посебно на Балканот кој е прилично патријархална, мачо-­средина – изјави Пејовски.

132892727

Екипата што го создаде филмот денеска имаше пресконфренција на која не присустуваа главните актерки, кои продуцентот ги оправда дека не дошле поради објективни причини.

Адем Карага, кој го толкува ликот на Генц, ја истакна прекрасната соработка со тимот за време на снимањето на филмот.

– Се надевам дека направивме добро дело – рече тој.

„Три дена во септември“ е филм во кој две жени кои се среќаваат по игра на случајноста, откриваат дека делат многу заеднички работи, трауми од минатото и желба за одмазда кон неправдите за кои предолго молчеле во својот живот.

Реткост кога се работат македонски филмови е да има повеќе жени во екипата, а во „Три дена…“ освен женските главни ликови, зад сцената се и Снежана Поњаниќ – Муча која е сценограф, а кос­ти­мог­раф е Емилија Ивановска – Атанасовска.

salkovski, stevkovski, pejovski

Светската премира филмот ја имаше во Монтреал, на фестивалот, а потоа гостуваше и во Чикаго и Котбус, Германија, а првото прикажување беше на маркетот во Кан.

– Иако филмот имаше светска премира, домашната ни е најбитна, бидејќи тука очекувањата се најголеми. Секој има свои очекувања кога е во прашање македонски филм – вели режисерот.

Филмот е снимен со  буџет од нецели 250.000 евра.

Продуцентот Тони Салковски од „Скопје филм студио“ вели дека е многу задоволен од работата и ентузијазмот на целиот тим кој го снимил филмот за само 20 дена. И покрај прилагодувањето кон буџетските ограничувања, сите се задоволни од квалитетот на финалниот продукт.

„Три дена во септември“ е снимен на три  локаци низ Македонија Скопје, Јасен и Преспа, во филмот се говори на два јазици: македонски и албански, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Косовскиот кинематографски центар.

Главните ликови ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски и Адем Карага, а дел од филмот се и Салаетин Билал, Милица Стојанова, Александар Микиќ, ди­рек­тор на фотографија е Димо Попов, сценограф Снежана Поњаниќ – Муча, кос­ти­мог­раф Емилија Ивановска – Атанасовска, а музиката е на Александар Пејовски.

Салковски откри дека „Три дена во септември“ во следниот период ќе се прикаже на Фестивалот во Братислава и во Ердене.

– Филмот ќе го следи богат фестивалски живот – додаде Салковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top