Вечерва, 12 ноември, во скопското кино „Милениум“, со премиера на филмот „Три дена во септември“ на македонскиот режисер Дарјан Пејовски, ќе биде отворен 14. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
Филмот е во селекција за една од наградите во Официјалната програма. „Три дена во септември“ е психолошки трилер, во кој двата главни женски лика преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Крјезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи. Сценариото го напишаа Даријан Пејовски и Игор Иванов, директор на фотографија е Димо Попов, Александар Пејовски е композитор на оригиналната музика, монтажа – Владимир Павловски, дизајн на звук – Игор Поповски, сценограф е Снежана Поњавиќ-Муча, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, шминка на Симона Ристевска. Продуцент на филмот е Томи Салковски.
„Хотел Синедејс нуди полн пансион од 12 до 21 ноември“ е најавата на Младинскиот културен центар за годинешното издание на Фестивалот.
– Денес, велат за слободниот свет, битисувајќи критичен, интелектуален, бунтовен, и жив, е демоде! Бидете демоде! – повикува Златко Стевковски, директор на МКЦ.
Во програмата на „Синедејс“ се најпознатите и најнаградувани режисери на денешницата, на „Синебалкан“ ќе има шест балкански филма, но и музички документарни филмови, Индија и Иран – земји во фокусот, „Ревија Пазолини“ и кратки филмови.
Во Скопје доаѓа и годинашниот победник на Kанскиот фестивал, „Дипан“ на Жак Одијар со главните актери од филмот. Годинава фестивалот носи гости од секој филм, кои по проекцијата ќе разговараат со публиката.
Во гала- програмата се најнаградуваните и најпознати режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне и „Приказната над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никита Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс и „Сѐ ќе биде во ред“, Нани Морети со „Мојата мајка“, Гаспар Ное со „Љубов“, Вуди Ален со „Ирационален човек“…
Ќе има и гости од Индија и Иран. „Синедејс“ нуди и програма на македонски кратки филмови, а на менито е и богат избор на музички документарци, но и концерти.
Публиката ќе го види филмскиот мегахит за Ејми Вајнхаус, „Страста и звукот на Западен Берлин 1979-1989“ за музичката сцена до падот на Берлинскиот ѕид, потоа светска премиера на филмот за македонската хипхоп-сцена „Сложувалка“, последниот документарен филм за култната група „Морфин“ и друго.
Билетите чинат по 150 денари за проекциите во „Милениум“, 100 за во „Фросина“ и слободен влез за во Џебното кино. За студентите влезницата ќе биде за 50 денари поевтина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.