Концертот на Мирослав Илиќ, Зорица Брунцлик и Џенан Лончаревиќ, закажан за 4 декември во арената „Борис Трајковски”, стартува во 21 часот, а на сцената прв ќе застане сопственикот на хитот „Никоме ни реч“ Џенан Лончаревиќ, кој во соседството важи за еден од најдобрите клупски пејачи и го нарекуваат „крал на сплавовите”.
Лончаревиќ сцената ќе ѝ ја отстапи на единствената дама на вечерта, жената што македонската јавност секоја сабота ја гледа во едно од столчињата од жирито на „Пинковите ѕвзеди“, Зорица Брунцлик.
Крајот на неколкучасовниот концерт е резервиран за легендата Мирослав Илиќ, на чиешто инсистирање и се одржува овој голем музички спектакл.
Концертот уште ќе биде збогатен и со музиката на виртуозите на хармоника Мирољуб Аранѓеловиќ – Кемиш и Миша Мијатовиќ.
Интересно е што Брунцлик, Лончаревиќ и Илиќ, за разлика од своите колеги што доаѓаат на концерти, имаа само едно барање – за време на престојот во Скопје да консумираат традиционални македонски јадења и задолжително на менито да има пиперки.
Билетите за концертот се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“, во „Розе“ во „Веро 2“, ресторанот „Окарина“ и на билетарницата во „Борис Трајковски“, и тоа по цена од 300 денари за стоење и 400 за седење. Додека во ВИП делот ќе има неколку различни пакети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.