Полицијата откри случај на недозволена трговија со марихуана што ја вршела организирана криминална група.
Приведени се три лица на кои судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од 30 дена, а две лица се во бегство и не се достапни за органите на прогон.
МВР соопшти дека е поднесена кривична пријава против М.А.(32), А.А.(37) и К.М.(55) од Скопје, Ф.Т.(33) од Струга и Д.Б.(29) од Албанија, сите членови на криминалната група, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”.
Организаторите на криминалната група М.А.(32) и А.А.(37) од Скопје преку Ф.Т.(33) од Струга стапиле во контакт со Д.Б.(29) од Албанија со кого договориле набавка на марихуана по цена од 1.900 евра за килограм. Во меѓувреме, првопријавениот го ангажирал К.М.(55) од Скопје за сума од 300 евра да изврши транспорт на претходно договорената марихуана од Струга до Скопје.
На 5-ти овој месец К.М. од Скопје со возило фолксваген поло со скопски регистарски ознаки се упатил од Скопје кон Струга каде што во близина на ГП „Ќафасан“ се сретнал со Д.Б. од Албанија кој му предал една црна најлонска вреќа во која било сместено поголемо пакување обвиткано со најлонска фолија исполенета со непозната растителна материја. По преземањето на растителната материја, К.М. се упатил кон Скопје, а на дел од патот од Струга до Кичево четвртопријавениот Ф.Т. од Струга му бил претходница како обезбедување на патот.
Околу 20 часот истиот ден, на наплатната рампа Тетово на регионалниот пат Гостивар-Тетово, полициска патрола го сопрело возилото, управувано и сопственост на третопријавениот. Под сомнение дека со возилото се транспортира наркотична дрога од страна на полициските службеници извршен е преглед и контрола и притоа во багажниот простор пронајдена e црната најлонска вреќа исполенета со растителна материја.
Со потврда за привремено одземени предмети биле одземени најлонската вреќа, возилото и два мобилни телефона. По приведувањето на К.М., преземени се дополнителни мерки и активности за пронаоѓање и лишување од слобода на останатите членови на криминалната група. На подрачјето на Охрид пронајдени и приведени се Ф.Т. од Струга и Д.Б. од Албанија, а останатите две лица се во бегство и се уште не се достапни за органите на прогон.
Целокупната одземена растителна материја е предадена за испитување и вештачење при што било утврдено дека се работи за речиси три килограми марихуана, соопшти МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.