МЗТ Скопје го претрпе првиот пораз на домашен терен сезонава, откако македонскиот првак и покрај храбрата игра не успеа да приреди изненадување во пресметката со Црвена звезда (66-71). Српскиот евролигаш се покажа како преголем залак, го контролираше мечот во сите 40 минути, а во периодот кога „металците“ опасно се заканија, „црвено-белите“ искусно одолеаја на притисокот и на крајот заслужено стигнаа до победата.
Црвена звезда доста лесно наоѓаше решение во нападот на почетокот, па по четири минути игра поведе со 10-4, две минути подоцна резултатот гласеше 14-7 за гостите, по што следеше и првиот тајмаут на натпреварот. Советите на Пипан вродија со плод, македонскот првак заигра многу подобро во одбраната, па со поените на Дреновац од линијата за слободни фрлања намали на 16-18. Добрата игра на „сино-белите“ продолжи, па со поените на Љубичиќ МЗТ стигна и до водство од 20-18, за Штимац да погоди во самиот финиш од четвртината за израмнување од 20-20, пишува Екипа.мк
Вториот период почна со доминација на гостите, па Пипан при резултат 23-28 беше принуден да го врати на теренот Дреновац, кој одигра одлична прва четвртина (9 поени без промашување од поле). Сепак, проблемите продолжија, па Црвена звезда во 16. минута стигна и до првата двоцифрена предност (25-35), откако техничка грешка доби и Алеш Пипан. Милер им создаде големи проблеми на „металците“ со одлично издание и во нападот и во одбраната во втората четвртина, па токму благодарение на Американецот (12 поени во полувреме) Црвена звезда замина на одмор со одлични 11 поени разлика (29-40).
Второто полувреме почна со нова загубена топка (петта) на Протиќ, но и гостите делуваа дезорганизирано во нападот на стартот од третата четвртина. На средината од четвртината Црвена звезда стигна и до 15 поени разлика (35-50), но МЗТ одговори со серија од 9-2, принудувајќи го Радоњиќ на тајмаут при водство на гостите од 44-52. Горјан Марковски погоди едно од двете слободни фрлања, пред Штимац со забивање да ги постави конечните 45-54 на крајот од третата четвртина.
МЗТ одлично влезе во последниот период од мечот, за неполна минута правејќи серија од 5-0 и враќајќи се целосно во натпреварот (50-54). Македонскиот првак имаше и напад за уште повеќе да се приближи, но наивно ја загуби топката, по што стигна казната, па Црвена звезда набрзина зголеми на 50-58. Следеше период на грешки на двете страни, по што Дреновац конечно реализираше за МЗТ Скопје. На 3:40 минути до крајот по еден дуел под кошот на МЗТ наместо лична грешка во напад на Цирбес, беше досудена техничка грешка на Мијатовиќ, втора за центарот на МЗТ Скопје, кој во клучните моменти мораше да го напушти теренот. Сепак, Цирбес со две свои лични грешки набрзина стигна до бројката од пет и самиот мораше да излезе, а МЗТ во последните две и пол минути влезе со негатива од пет поени (58-63) и напад.
Луковиќ го промаши обидот за тројка, по што Јовиќ положи успешно, згора на тоа наивно фаулиран од Буниќ, по што голем дел од присутните тргнаа да ја напуштаат салата, свесни дека прашањето на победникот е решено. „Сино-белите“ не успеаја да ја спуштат разликата под пет поени, па мечот по низата слободни фрлања на двете страни заврши со конечна победа на Црвена звезда од 66-71.
Дреновац со 19 поени беше најефикасен во редовите на МЗТ Скопје, пред Буниќ со 13 и Љубичиќ со 12 поени. Кај Црвена звезда најпрецизни на вечерашниот натпревар беа Јовиќ со 17 и Милер со 13 поени.
МЗТ Скопје во следното коло го очекува тешко гостување во Подгорица против екипата на Будуќност, која е на делба на првото место на табелата со Црвена звезда, со идентичен скор од седум победи и два порази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.