| четврток, 6 декември 2018 |

Климатските промени ќе турнат кон сиромаштија 100 милиони луѓе

Климатските промени до 2030 година можат да одведат во екстремна сиромаштија над 100 милиони луѓе  преку уништувањето на земјоделството и последиците од ширењето маларија и други болести, се наведува во извештајот на Светската банка.

siromastija

Извештајот, објавен неколку недели пред самитот на ОН за климатските прашања во Париз, покажува нерамномерни последици од глобалното затоплување.

Сиромашните во светот не се подготвени да се справат со климатски шокови како што е зголемување на морското ниво или тешките суши, наведуваат експертите.

– Тие имаат помалку ресурси и добиваат помала поддршка од семејството, заедницата, финансискиот систем и дури од системите за социјално осигурување, посочува СБ.

Меѓу темите на разговорите во Париз ќе бидат начините за помош на сиромашните земји и сиромашните општества да се справат со климатските промени.

И покрај напорите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и други гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, нема веројатност климатските промени наскоро да запрат. Се очекува емисиите на  јаглерод да растат на подолг период, бидејќи Кина, Индија и други земји во развој ја зголемуваат употребата на фосилни горива за нивните економии.

Напорите за заштита на сиромашните како што се целосно подобрување на пристапот до здравствена заштита и социјално осигурување, како и целните мерки за подобрување на заштитата од поплави и дистрибуција на насади кои виреат на топла клима, би можеле да ги спречат повеќето негативни последици од климатските промени врз сиромашните, наведува СБ.

Извештајот цитира студии кои покажуваат дека климатските промени може да доведат до пад на светската жетва од 5 проценти до 2030 година и 30 проценти до 2080 година. Цитирани се и студии кои покажуваат дека зголемувањето на температурите може да го зголеми бројот на луѓето во ризик од заразување со маларија до 150 милиони луѓе.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top