| четврток, 6 декември 2018 |

На аеродромот во Шарм ел Шејк долго време имало безбедносни пропусти

ruski-avion-egipat-olupina-sinaj-foto-reuters-1446315314-774695_2015117192450

На аеродромот во египетското летувалиште Шарм ел Шејк, од каде полета рускиот авион, што со 224 патници и членови на екипажот минатиот викенд се урна во Синајската пустина, долго време имало безбедносни пропусти, јавија американските медиуми, повикувајќи се на изјави на седум неименувани претставници на аеродромот, кои учествувале во активносит на неговото обезбедување.

Некои од пропустите траеле една деценија. Според изјавите на претставниците, на аеродромот имало земање поткуп за багажи, во кои на рентген се гледало дека има наркотици или оружје. Понекогаш клучниот скенер за преглед на багажите по нивното чекирање бил надвор од употреба. Проверката на влезот, преку кој се допремувала храната и горивото за авионите, исто така, била доста лабава.

-Не можам да се потсетам  колку точно пати сум дошол до чанта полна со оружје или дрога, и потоа тие да бидат пуштени да минат со платени 10 евра, споменува еден од вработените на аеродромот, посочувајќи кон своите корумпирани колеги.

Скенерот за преглед на багажот по чекирањето често пати не работел и вработените за тоа пишувале извештаи до своите претпоставени, но апаратот не бил сменет. Понекогаш вработените не го користеле правилно и го ваделе од употреба, но имало случаи кога бил искучен за да се штеди струја.

Овој скенер бил еден од петте што Велика Британија му ги обезбедила на Египет. Друг од овие пет скенери се наоѓал на аеродромот во Каиро, но бил употребуван само за преглед на багажите за летовите до Лондон и Париз, тврдат претставници на службите за аеродромска безбедност.

Засега египетските власти не ги коментираа овие информации.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ас Сиси изјави дека британски претставници пред 10 месеци испратиле своја екипа за да ја процени безбедноста на аеродромот во Шарм ел Шејк. Тогаш оваа екипа била задоволна од тоа што таму го видела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top