| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 7.500 садници низ Скопје со есенската акција „Ден на дрвото 2015“

ден, дрво

 Нови 7.500 дрвја ќе бидат засадени во градот Скопје во есенската акција „Ден на дрвото 2015“, која денеска официјално почна со засадување 30 дрвца во средното економско и правно училиште „Васил Антевски – Дрен“ во општина Кисела Вода.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски изјави дека во акцијата ќе бидат засадени вкупно 500 дрвја во средните училишта во Скопје.

– Оваа есен Град Скопје ќе посади 5.000 дрвја покрај булеварите и парковите и дополнително ќе подели 2.000 садници на куќните совети и месните заедници во градот. Со тоа ќе придонесеме за подобрување на условите на животната  средина во градот и подобрување на условите за живеење во Скопје – рече Трајановски.

Заменикот-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски нагласи дека значењето на акцијата е големо со тоа што зафатеноста на садниците е 60 отсто од околу 55 милиони дрвца засадени во изминатите 15 години.

– Во оваа 16. акција по ред ќе бидат засадени околу три милиони садници кои Владата заедно со Ј.П. „Македонски шуми“ ги обезбедува и се однесуваат на територија од околу 1.000 хектари во целата држава- изјави Костадиновски.

Претставникот на Ј.П. „Македонски шуми“ Александар Флоровски, нагласи дека претпријатието како главен носител на целата акција, учествува со 3.124.000 садници, кои ќе бидат засадени 931 хектар земјиште во цела Македонија, додека на општините се поделени околу 67 илјади дрвца.

Мото на годинашната 16. акција по ред е „Засади успех!“. Годинава акцентот е на средношколците од градот Скопје, кои во текот на кампањата, заедно со „Денот на дрвото“, континуирано ќе засадуваат дрвца во училишните дворови и ќе ја озеленат својата средина.

Идеен творец, долгогодишен претседател и актуелен почесен претседател на акцијата е маестро Борис Трајанов, кој во 2008 година поведе група ентузијасти кон засадување нова еко-иднина и поттикна формирање Граѓанско здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top