ВМРО ДПМНЕ и СДСМ бараат целосно поништување на вториот круг гласање во Струга. Како што соопштија двете партии, за нив изборните резултати во Струга се нерегуларни и неважечки затоа што на вчерашните избори биле спроведени низа нерегуларности.
– Сакаме да ја известиме македонската јавност дека изборните резултати во општина Струга за нас се целосно нерегуларни и неважечки. Како доказ за овие нерегуларности се признавање на резултатите од повеќе избирачки места каде што беа евидентирани празни избирачки ливчиња и каде беа утврдени повеќе избирачки ливчиња во гласачките кутии. Оттука бараме од ДИК да го поништи целосно вториот круг во општина Струга и да овозможи фер и регуларно гласање, да овозможи нов изборен круг на кој граѓаните на Струга слободно ќе ја изразат својата волја без никаков диктат, изјави Крсто Мукоски, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ и координатор на ИШ на кандидатот за градоначалник Владо Кочоски.
Според нивните сознанија кандидатот на ДПА Зијадин Села, на денот на изборите го прекршил Изборниот законик со тоа што вршел агитирање на неколку гласачки места и пропаганда за гласање.Тие воедно побараа и разрешување на членовите на Општинската изборна комисија, затоа што тие биле директни учесници во нерегуларностите.
– Бараме разрешување на членовите на ОИК на чело со претседателот Џингис Хани и членовите Камбер Даути и Патриот Даути кои беа директни учесници во нерегуларностите и поддржувачи на овие нерегуларности, изјави пратеничката Лилјана Затуроска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


