| четврток, 6 декември 2018 |

Во Битола по повод денот на ослободувањето доделени наградите „4 ноември“

Највисокото општинско признание за животно дело го  доби проф. Д-р Георги Здравев, за неговиот исклучителен труд и плодна работа. Тој претставува редок и неуморен музички педагог, научник и диригент, кој оставил длабоки траги во музиката во Битола, Македонија и пошироко. Во текот на својот плоден творечки период објавил голем број книги и учебници од областа на музиката и методика на музика. А писателот Димче Најдов, актерот Петар Горко, мотокросистот Борче Костов и КУД Илинден се наградени како најуспешени со четврто-ноемвриско признание.

Наградите им ги врачи Градоначалникот на Битола Владимир Талевски.

-Секоја генерација има своја идеја, свој идеал, секоја генерација се бори на свој сопствен начин да даде свој придонес во развојот на општеството за добробит на своите граѓани. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам и да им оддадам голема почит на сите борци кои што заедно се вложија во големата идеја во НОАВМ за ослободување на македонскиот народ  и за самостојна суверена Република Македонија. Во оваа прилика сакам да оддадам голема чест и на младите  животи што беа жртви во таа борба. И како тие тогаш во континуитет така и ние денеска сакаме да го дадеме својот придонес за развојот на својата сопствена татковина и за нашиот град. Дозволете ми, сублимирано да потсетам што работевме од минатиот 4 ноември до овој 4 ноември. Во овие навистина сложени и комплицирани историски, а посебно политички времиња каде што во целиот свет се прави некакво преструктуирање на силите, Македонија не е заобиколена од новите случувања. Иако околностите се малку посложени од пред година и две, сепак успеваме во нашите намери, успеваме да го направиме она што го ветивме пред нашите граѓани. Да правиме дела и да правиме резултати. Благодарение на вашата доверба, благодарение на довербата што ни ја даваат нашите граѓани ние се трудиме максимално да ја оправдаме таквата доверба и да направиме исто така еден наш дел кој што ќе остави спомен или ќе биде дел од големата градба што се вика Битола,  рече во своето обраќање градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески, на свечената академија по повод 4 ноември, денот на ослободувањето на градот.

Градоначалникот ги најави и поголемите проекти во периодот што следува: две нови инвестиции во ИЗ Жабени, проектот„Златен рид“ – нов урбан простор за околу 5000 Битолчани, реконструкција на железничката пруга Битола – грчка граница и реконструкција на Железничката станица во Битола, финализирање на проектот Кино Манаки, изградба на една функционална целина од северната трибина на Градскиот стадион, проектот Топлификација, реконструкција на Битолската Клиничка болница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top