Режисер на новиот серијал „Кошмар на улицата Павел Шатев“ не е Вес Крејвен. Помош сигурно имаат од Милчин, но главен автор на сценариото е врхушката на СДСМ. Членовите на оваа партија ја играат и главната улога во хорор приказната чии резултати го одземаа и онака немирниот сон на симпатизерите и на сопартијците, но и надежта дека ќе го смират со враќање на власт. Сонот го срушија два последователни земјотреса. Првиот, оној на Брима Галуп, сериозно ги помести, а вториот, на ИПИС и на „Република“, пак, целосно ги измести. Епицентарот на двете тектонски нарушувања беше седиштето на СДСМ. Да, она наследеното од комунистичката партија на Југославија.
Можете само да си замислите како изгледа кога цели осум месеци „бомби“, протести, извртувања и медиумска хајка ви пропаѓаат во вода. Длабоко… Пострашно е кога двете шлаканици доаѓаат во низа од само една недела. Особено кога првата ви налетува без задршка токму од агенција која до вчера била позната по поврзаноста со вас. Факт кој уште толку ја засилува веродостојноста на истражувањето. За неколку дена, следува втора, уште посилна шлаканица, која ја потврдува оправданоста на првата и покажува нешто уште пострашно – како минува времето, сѐ повеќе и повеќе ја губите довербата кај граѓаните. А до избори има уште половина година? Советниците, пак, ве убедуваа дека како што минува времето, така ќе ви растел и рејтингот. А тој паѓа и паѓа. Двете анкети се направени во опсег од цели три месеци (првата во почетокот на јули, другата во почеток на октомври 2015. г.), а втората има драстично полоши резултати за СДСМ од првата.

Упс! Но, не статива, туку пенал. Од истите оние советници кои толку „мудро“ ве убедуваа дека треба само да го смените, а како минува времето ќе ви се подобрувала позицијата за името на државата. Крајно време е да ви ги вратат парите земени од давање монопол на „Маѓар телеком“, на автодистрибутери, па транзиција, штедилници, кирии, на тендери и итн…
Алармот во СДСМ се вклучи, време е за тревога. Според непишаната и секогаш потврдена класика, ова значи нов бојкот и нови протести. Проблем е кога веќе никој не паѓа на вашите стари финти. Освен вашите малку, но добро истренирани јуришници. А, за жал, старите кучиња не знаат да научат нови трикови. Но знаат да намирисаат крв, особено туѓа, и така надразнети долго, долго да завиваат во ноќта. И на протести. Анкетите, несомнено, ги разбудија некрофилите во опозициските редови. Обидот за поентирање врз нечија смрт ги надмина сите очекувања, но бројките на протестите, сепак и за среќа, покажаа мал број мршојадци. Вознемирувањето, долевањето оган и гнев врз душата на ожалостените семејства ќе остане партиска придобивка. За некрофилите, возбудени од мирисот на крвта на сопствениот народ, гревот е непозната категорија. Совеста, исто така.

Чилиманов: Време е да се преброиме
Според новинарот Цветин Чилиманов, една од клучните мисии на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите девет години на власт беше темелното трансформирање на СДСМ, преку низата изборни порази, во партија која ќе ја сфати грешката и штетноста на своите политики, или барем нема веќе да биде во состојба да ги повторува, тогаш кога пак ќе дојде на власт.
ЧИЛИМАНОВ: Во огромна мерка ВМРО успеа во таа задача. Што од мрза да се седне и да се напише сопствена програма, но во најголем дел соочени со сознанието дека политиката на ВМРО е екстремно популарна во јавноста и во голема мерка неизменлива, СДСМ почна да се откажува од својата политика. Партијата која некогаш му се потсмеваше на ВМРО како на селанска партија, сега нема друг избор освен да го затне носот и да ветува дека и таа ќе исплаќа земјоделски субвенции. Дури и СДСМ да дојде на власт, Македонија никогаш повеќе нема да биде земја во која ќе има само еден мобилен оператор и монопол на две и пол банки во банкарскиот сектор. ВМРО драматично ја отвори македонската економија кон Запад, носејќи странски инвеститори во споредба со кои некогашните големи газди од времето на СДСМ изгледаат како мали деца. Додека СДСМ ги измачуваше граѓаните со уништувањето на веќе постојните фабрики со цел да можат да бидат префрлени на контото на нивните олигарси, ВМРО покажа колку било лесно да се донесат нови странски компании кои ќе отворат фабрики на места кои биле ледини. ВМРО легализираше огромен процент од сивата економија, така што ги намали даноците и регулативите, но притоа инсистираше на нивно целосно плаќање и почитување (вклучително и за низа моќни олигарси на СДСМ кои мислеа дека се над законот). СДСМ гласно зборува за прогресивно оданочување, но нивните реални предлози, колку што се конфузни, толку откриваат дека во најлош случај, неговото воведување ќе биде шминкерско. СДСМ никогаш нема да може да објасни зошто треба да се менува моделот на ослободување на пазарот и негово поврзување со Запад, под кој македонската економија и извозот се удвоија во мандатот на ВМРО, а се отворија 150.000 нови работни места.
Македонија економски се отвори кон Запад, но воедно, со падот на визите, и Македонците добија можност конечно да го видат тој Запад, посочува Чилиманов, според кој, гледајќи го списокот на авиони кои секојдневно доаѓаат и заминуваат за десетици дестинации низ Европа, носејќи европски бизнисмени, инвестиции, знаење, нови технологии и начини на работење, можеме слободно да кажеме дека во овие девет години, дефинитивно се потврди дека во суштина, Македонија е проевропска и прозападна, без оглед на сите подметнувања и сите лажни претставувања на кои се навраќа и во текстот.
ЧИЛИМАНОВ: Но, тука СДСМ прави една неверојатна замена на тези, обвинувајќи ја Владата, која буквално секоја недела носи нови компании од Европа или од САД, воведува нови авионски линии за Европа (ниту една за Русија), донесе еден куп нови банки и телекоми од Европа,испраќа лекари на обука низ Европа, и да не редам понатаму; дека наводно ВМРО била антиевропска, антизападна и проруска опција, а тие биле западната опција!? Притоа, секако, се користат со кукавичкото јајце подметнато од Грција.
Затоа, во овие услови, време е да се преброиме, кој е со кого во оваа ситуација? ВМРО е со народот, економијата, земјоделците, работниците, малиот и средниот бизнис и со странските инвеститори, а СДСМ е со оној бизарен лик Ван Хауте или како и да се вика, и со уште неколкумина амбасадори кои со години наназад ги финансираат најрадикалните левичарски фракции во Македонија, радикални дури и за стандардите на КПМ-СКМ, и со лупа бараа проблеми во земјата (медиуми, судство), без ниту еден збор пофалба за тектонските реформи кои беа спроведени во процесот што го опишав погоре, кои доведоа до тоа Македонија да биде 12. во светот по спроведени пазарни реформи.
Што можеме да очекуваме понатаму? – се прашува Чилиманов, а паралелите со 2001 година се првото нешто што му доаѓа на ум – почнува со прислушување (божем од ВМРО), меѓуетнички конфликт, божем независни меѓународни организации укажуваат на проблеми во Македонија, и враќање на СДСМ на власт.
ЧИЛИМАНОВ: Но, овојпат, ниту ова ВМРО не е она ВМРО што беше во 2001, ниту пак СДСМ е тој што беше тогаш, граѓаните, секако, не се наивни по вторпат да паднат на истото сценарио, но најважно од сѐ, САД и ЕУ не се тоа што беа тогаш. Денес, освен Македонија, тлее на целиот Балкан, да не зборуваме за пошироките региони, и тоа пред сѐ поради очигледното слабеење и кризирање токму на западните гаранти на мирот и на стабилноста, истите тие чии амбасадори наивно прифаќаат да ја играат играта на СДСМ. Ако во 2001 година ја имавме извесноста на патот кон НАТО и ЕУ, неприкосновеноста на САД, денес ништо од ова не е загарантирано. Досегашното искуство со Арапската пролет и со Мајданот покажуваат дека Западот едноставно нема капацитет, ни мека моќ (углед) ни тврда моќ (воена сила), ниту пак интерес или концетрација да го истера започнатото докрај, како што тоа го правеше во Балканските војни. Испреплетени интереси потпалуваат пожари низ регионот – Грција, Босна, Косово, Црна Гора, Србија, Молдавија, Бугарија, каде се фати, се фати. Македонија во овој период влегува исклучително кревка, поради оваа фабрикувана политичка и безбедносна криза, чија вистинска заднина јавноста сѐ уште не ја препознава. Единственото во што можеме да бидеме сигурни е дека никој однадвор нема да ни донесе решение на овој проблем – мораме да се потпреме самите на себеси.

Ден на жалост за опозициските воајери
Саботното утро осамна со нескриена радост на македоснките опозициски воајери. Лидерот им го разведри денот со објавата на тик-так,тик-так,тик-так… Напишаното, иако неписмено стокмено, донесе широка насмевка и ги озари нивните лица напатени за власт. Истото секогаш значеше нова „бомба“ во текот на денот. Видно возбудени, дел од нив чекаа и до полноќ, но бадијала. Челникот се премисли, или го премислија? Најверојатно, неговиот бомбашки ентузијазам видно опаднал по само едно телефонско јавување, за кое изворите во партијата велат дека дошло од една амбасада. Тонот на почитуваниот емисар, воопшто не бил низок, ниту пријатен, а премислувањето брзо и понизно. Сепак, лидерот навлечен на прислушувани разговори, со црвени очи од слушање (како што и самиот изјави) јасно ги разочара воајерите со црвени уши, кои жолчно распалија по неговата непринципиелност. Дваесет и четврти октомври 2015 година ќе биде запаметен како ден на жалост за македонските воајери, ден кога поради тој пишман-бомбаџија останаа покуси за едно грдо задоволство. Логичното прашање кое се изведува од искуството на десјтвувањето на СДСМ е дали секогаш кога нема да биде по нивно, секогаш кога ќе немаат други аргументи и идеи во преговорите, во изборите и во која и да е ситуација – тие ќе вадат нова „бомба“? Инвентивно и многу политички зрело, нема што…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 165. број на неделникот „Република“, 30.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Чилиманов: