| четврток, 6 декември 2018 |

Станбените кредити со рекорден раст од повеќе од18 проценти

купи

Станбените кредити за само една година пораснале за 4,4 милијарди денари или за 73 милиони евра, што е рекорден раст од 18 проценти, покажуваат последните податоци на Народна банка.

Причина за ова, според банкарите, е падот на каматните стапки за станбените кредити, како и зголемениот раст на одобрени субвенционирани станбени кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“.

-Проектот „Купи куќа, купи стан“ е исклучителна поддршка, особено за младите парови и интересот во континуитет се зголемува – изјави неодамна Милица Чапаровска од „Стопанска банка“ АД Скопје, која е една од банките вклучени во проектот.

– Како „Стопанска банка“ АД Скопје имаме учество од преку 35 проценти што значи досега испроцесирани апликации се над 240, а во постапка се и повеќе од 60 апликации што значи дека интересот во континуитет се зголемува. Интересот повеќе е во делот на отплатата на рата отколку на учество, но како и да е, секој од граѓаните го наоѓа својот интерес што повеќе му одговара во дадениот момент. Во секој случај самиот проект, понудата и поддршката се од исклучителна важност – рече Чапаровска.

Според Чапаровска, периодот да се инвестира во решавање на станбеното прашање е погоден како во поглед на висината на каматните стапки и понудата на пазарот на недвижности, така и во однос на условите што ги нуди проектот „Купи куќа, купи стан“ којшто го реализира Министерството за финансии.

– Условите за да се инвестира во најголемата инвестиција во текот на животниот циклус исклучително одговараат не само во поглед на висината на каматните стапки и понудата што на пазарот ја има во поглед на недвижностите, туку и условите од проектот „Купи куќа, купи стан“ коишто се исклучителна поддршка за младите парови. Мислам дека ефектот од анимирањето на овој проект во континуитет, не само во Скопје, туку и во другите градови има исклучително влијание на поттикнување на интересот – истакна Чапаровска.

Владата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ дава субвенции и до 14 илјади евра. Овој бенефит досега го имаат искористено над 680 семејства.

Значајно е што во последните години цената на станбениот квадрат е намалена за околу 100 евра, што за стан од 50 метри квадратни значи директна заштеда од 5.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top