Министерот за здравство Никола Тодоров денеска се сретна со сите претставници на Иницијативата на жени од општината Шуто Оризари.
На средбата се разговараше за потребата од матичен гинеколог и континуирана гинеколошка здравствена заштита на жените од оваа општина. Со цел да се излезе во пресрет на нивните барања и потреби, на средбата е договорено веднаш да се објави оглас за изразување интерес за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари, соопшти Министерството за здравство.
Притоа, претставниците на Иницијативата на жени предложиле да се овозможи дополнителна финансиска стимулација за матичниот гинеколог. Министерот го прифатил предлогот за финансиската стимулација и даде дополнителен предлог – до завршување на огласот и почнување со работа на матичниот гинеколог, Министерството за здравство да обезбеди место еднаш, присуство на гинеколог трипати неделно во постојната ординација.
Предлогот на министерот бил прифатен од страна на претставниците на Иницијативата на жени од општина Шуто Оризари.
Воедно, како што се наведува, ќе бидат разгледани сите можности докторот да извршува и дополнителни административни процедури, како на пример да препишува упати и рецепти.
На средбата било образложено дека изминатиот период преку Програмски средства на Министерството е обезбедено присуство на гинеколог, еднаш неделно, во ординацијата во Шуто Оризари, а покрај тоа, Министерството за здравство досега вкупно пет пати има објавено оглас за матичен гинеколог за оваа општина, на кој не се пријавил заинтересиран гинеколог.
Министерството за здравство веќе презема конкретни мерки за континуирана гинеколошка здравствена заштита за жените од оваа општина, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


