Истражителите денеска почнаа со анализа на двете црни кутии од рускиот патнички авион кој во саботата се урна на Синајскиот Полуостров, а египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси порача дека истрагата може да потрае.
Тврдењето на египетскиот огранок на „Исламска држава“ дека стои зад соборувањето на авионот „ербас А321“, во кој погинаа сите 224 патници и членови на екипажот, Сиси го окарактеризира како пропаганда.
– Анализата на црните кутии од кои една ги снимала разговорите во кокпитот, а другата податоците од летот, почна околу пладне по локално време (11 часот по средноевропско време) – рече претставник на египетското Министерство за цивилна авијација.
Истрагата може да потрае неколку недели или неколку месеци, доколку има оштетувања на снимките од црните кутии, наведоа извори.
Руската владина комисија, која го следи текот на истрагата, треба да се состане во вторник.
Авионот на руската авиокомпанија „Когалимавија“, на летот од Шарм ел-Шеик до Санкт Петербург, се урна 23 минути по полетувањето, околу 100 километри од Ариш во северен Синај.
Повеќето патници биле руски туристи.
Од руската авиокомпанија соопштија дека авионот, кој бил во „одлична техничка состојба“, се урна под влијание на „надворешно дејствување“ и дека немало никакви технички или човечки грешки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.