| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на филмот „Панама“ во кино Милениум

„Панама“, првиот долгометражен филм на Павле Вучковиќ, ќе ја има својата премиера на фестивалот за европски филм „Синедејс“ на 14 ноември со почеток во 20 часот во кино Милениум.

Продуцентската куќа „Колапс филмс“и младата екипа која учествуваше во реализацијата на филмот донесува љубовна приказна во која не се покажуваат емоции, а главните јунаци се плашат од искреноста бидејќи така налага модерното информатичко општество.

Главниот јунак на филмот „Панама“ е Јован (Славен Дошло), кој, меѓу другите девојки, се гледа и со Маја (Јована Стојилковиќ). Односот со неа на почетокот не го интересира, таа му изгледа неискусно и наивно. Меѓутоа, нејзиното амбивалентно однесување постепено почнува да го интригира. Следејќи ги видеоснимките и другите информации од интернет, Јован го открива паралелниот живот на Маја, се вплеткува во сопствената игра на лаги и на љубомора. Јован се губи себеси, очајнички обидувајќи се да открие која е вистинската Маја.

„Панама“ го создаваа млади луѓе на кои, во најголем дел, тоа им е прво авторско искуство во работа на долгометражен филм: режисерот, сценаристите и копродуцентот Павле Вучковиќ, косценаристката Јелена Вускасновиќ, продуцентите на филмот – Татјана Жежељ Гојковиќ, директорот на фотографија Ѓорѓе Арамбашиќ, сценографите Бојана Николиќ и Ливија Микиќ, костимографката Магдалена Клашањ, монтажерот Бојан Косовиќ.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Славен Дошло, Јована Стојиљковиќ, Милош Пјевач, Тамара Драгичевиќ и Јелисавета Орашанин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top