Вработен во Брза помош во Њујорк е суспендиран од работа на неодредено време поради „неовластено“ спасување живот на седумгодишно девојче.
Кваси Рид превезувал постар пациент од амбуланта до старски дом кога пред неговото возило истрчал маж кој барал негова помош.
Тој хистерично објаснувал дека една ученичка од блиското основно училиште во Бруклин се засркнала од сендвич и дека останала без воздух.
Игнорирајќи го советот на својот партнер да остане во возилото, Кваси потрчал да му помогне на девојчето.
Кога стигнал на самото место, ја затекнал седумгодишната Неол Ечавари без свест и чии усни веќе биле помодрени.
Рид брзо ѝ ја испразнил устата, ѝ ставил маска со кислород и почнал да ја оживува. Набрзо е префрлена во болница каде што ја прикачиле на апарти за одржување во живот.
И покрај херојскиот чин, надредените на Рид се решиле да го казнат својот работник. Тој е суспендиран без паричен недоместок на неодредено време.
Кваси во медиумите изјавил дека иако знаел дека ја загрозува својата работа, повторно би постапил исто затоа што смета дека во овој случај девојчето има приоритет во однос на стариот пациент за кој останал да се грижи неговиот партнер.
– Загрижен сум да не добијам отказ, но исто така знам дека направив добро дело. Не направив ништо лошо, а имам чувство дека сум казнет за нешто страшно – рекол тој.
За жал, девојчето починало три дена откако било сместено во болница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.