| четврток, 6 декември 2018 |

Анкета:Пациентите задоволни од услугите на скопските здравствени домови

doktoriНад 80 проценти од испитаните пациенти се задоволни со квалитетот на добиената услуга во здравствените домови во Скопје, покажуваат резултатите од анкетата за задоволството на пациентите.

Татјана Баевска Вучковиќ, директорка на ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, рече дека согласно реализацијата и имплементацијата на проекти на Министерството за здравство и програмските активности, статистичките податоци добиени од анкетата покажуваат дека 98,6 отсто од испитаните пациенти се задоволни од љубезноста на лекарите, 97,1 процент се задоволни од љубезноста на останатиот персонал, 78,6 проценти се задоволни од стручноста на лекарите, а 81,4 проценти од испитаните пациенти се задоволни од односот на шалтерските службеници.

– Резултатите се постигнати преку стратегија за следење на потребите на граѓаните за доближување на здравствените услуги према место на живеење и следење на патот на пациентот од примарно, секундарно и терцијално здравство со цел растеретување, пред се, на терцијално ниво. Тековно зајакнување на специјалистичките служби во поликлиники преку отворање 18 нови кабинети и зајакнување на постоечките со втора смена. Трансфер на доктори специјалисти од приватна во јавна здравствена установа, така што во изминатите три години преминале вкупно 29 специјалисти. Вкупно 63 лекарски работници биле на обука во странство, од кои 31 доктор, а во периодот 2012-2015 година вкупно 67.122.000 денари се инвестирани во медицинска опрема, рече Вучковиќ.

Според директорката на ЈЗУ – Здравствен дом на Скопје, анализите и статистичките податоци покажуваат дека во 2014 година на пациентите кои што се упатени од матичен лекар на секундарно ниво вкупно 90 проценти се комплетно обработени, 10 се упатени на повисоко ниво, од кои само седум проценти за понатамошно проследување и третман на терциелно ниво.

– Во делот на „Мој термин“ резултатите покажуваат дека 60 проценти од испитаните пациенти се задоволно од системот, а 62,9 проценти сметаат дека се почитува закажаното време за преглед од страна на докторите. Сто проценти од испитаниците одговориле дека не им се случило да дојдат на преглед закажан преку „Мој термин“, а докторот да не е присутен во амбулантата и притоа претходно да не бидат известени за тоа, изјави таа.

Во 2015 година во првите два квартали преку „Мој термин“ се јавиле на преглед вкупно 261.428 пациенти, што е за 35.218 повеќе во однос на 2014 година. Вкупно 15.826 пациенти биле упатени на повисоко ниво, што е за седум илјади помалку во однос на 2014 година. За споредба, во 2011 година преку Здравствен дом Скопје биле реализирани 380.909 услуги, а во 2014 година 452.421 услуга.

Итната медицинска помош, истакна Вучковиќ, во изминатите три години кадровски е зајакната со вработување на 34 доктори и 11 медицински сестри. Во 2012 година службата е зајакната со 14 нови санитетски возила, а отворени се и два дисперзирани пунктови во Драчево и Ѓорче Петров. Во 2013 година е направена реорганизација и воведување на работа во три смени. Оставарено е зголемување на бројот на интервенции од 28.114 во 2013 година на 31.587 во 2014 година и намалено е времето на одговор на интервенција од 42 минути просечно време во 2014 година на 38 минути во 2015 година.

– За првпат е отворена службата „Рурален доктор“ каде се покриваат 62 населени места или вкупно 48.433 жители кои повеќе од десет и петнаесет години воопшто немале здравствена услуга на примарно ниво во местото на живеење. Вкупно се реализирани 12.363 прегледи, рече таа.

Здравствен дом Скопје овозможува 24-часовна здравствена заштита на ниво на примарна превентивна итна медицинска помош со домашно лекување и секундарна специјалистичко консултативна здравствена заштита на територија на Скопје и околните населени места при што опфаќа 17 општини, од кои десет градски и седум приградски, преку 58 објекти од кои девет поликлиники и два заводи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top