| четврток, 6 декември 2018 |

Кривична пријава за возачот кој ја прегази Фросина

фросина

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице, Љ.В. роден 1989 година, како сторител на сообраќајната несреќа која се случи на 3 април 2015 година на булеварот Партизански одреди, во близина на крстосницата со улицата Костурски херои во Скопје, во која животот го загуби Фросина Цековска од Крива Паланка. Осомничениот од страна на обвинителството се товари дека сторил две кривични дела и тоа тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 вв со член 297 ст.1 и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од Кривичниот законик.

-Обвинителниот акт е поднесен врз основа на добиените резултати од истражната постапка која беше спроведена по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје. Во текот на истрагата врз основа на пронајдените материјални траги – остатоци од ДНА профили се утврди идентитетот на сторителот на оваа сообраќајна незгода, кој критичниот ден го управувал патничкото моторно возило „хонда прелуде“ СК 3611-АГ по булеварот Партизански одреди во близина на Универзална сала, каде се случила предметната сообраќајна незгода. Трагите се поклопуваат со ДНА профилот од лицето кое во полициската станица, се пријавило како сторител на овој кривично правен настан – се наведува во соопштението на Обвинителството.

Во текот на истрагата врз основа на Вештиот наод и мислење изработено од стручна институција – Биро за судски вештачења се утврдиле пропустите во однесувањето на осомничениот во сообраќајот кои придонеле за случување на сообраќајната несреќа. Утврдено е пречекорување на брзината со кое е управувано возилото, како и непосветување должно внимание од страна на осомничениот при приближување кон крстосница со означен пешачки премин.

Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија изработил две вештачења од кои се утврдила причинско – последичната врска помеѓу критичниот настан и смртта на Фросина Цековска од Крива Паланка, како и присуство на 1,23 промили алкохол во крвта кај осомничениот во моментот на сообраќајката. Во текот на истрагата се испитани и сведоци – очевидци на настанот кои се произнеле по однос на релевантни околности од критичниот ден од местото на настанот, а во својство на сведок – оштетен е испитан таткото на Цековска.​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top