Управата за финансиска полиција денес поднесе кривична пријава против генералниот извршен директор на „Фени индустри“, Јусуф Миракхмедов, за злоупотреба на службена должност и овластување. Во двонеделната истрага на документацијата во „Фени“ Финансиската полиција утврдила дека директорот незаконски отуѓувал залихи на фероникел и друга руда од фабриката врз кои банките имале заложно право.
-Спротивно на склучените договори за кредитирање и нотарските акти со Стопанска банка и со Комерцијална банка за воспоставено заложно право на подвижни ствари, фероникел и други производи, директорот самоволно носел одлуки за нивно отуѓување. Со тоа нанел штета од 1.809.617.164,00 денари. Одлуките за отуѓување ги носел без согласност од банките кои имале заложно право и на директен начин им предизвикал штета. Поради тоа веќе поднесовме кривична пријава во Основното јавно обвинителство во Велес- вели директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
Истрагата во „Фени“ не е завршена. Дополнително се испитува работењето во фабриката пред август, годинава, и не е исклучена можноста за нови кривични пријави против раководните лица.
Според сознанијата на Финансиската полиција, Јусуф Миракхмедов ја напуштил Македонија на 29 октомври од аеродромот „Александар Велики“. Директорот Муареми очекува јавното обвинителство да побара меѓународна соработка за наоѓање на директорот Миракхмедов. Тој е по потекло од Киргистан, но има холандско државјанство, а кај нас имал дозвола за времен престој.
Неофицијално продажбата на залихите во фабриката се одвивале преку „Кунико маркетинг“, фирма регистрирана во Дубаи, која е дел од корпорацијата „Кунико ресорсис“, а купувачи биле меѓународни компании.
Освен продажбата, директорот правел и отписи на долгови на должниците на „Фени“. Вработени во фабриката посочуваат дека директорот Миракхмедов во 2016 година, повторно самоволно, направил отпис на побарувања на фабриката во износ од 50 милиони евра. На компании кои купиле фероникел од „Фени“, но не го платиле, Миракхмедов, според вработените, им го отпишал долгот.
Финансиската полиција најави дека ќе ги испита сите тврдења на вработените и ќе реагира на секоја дојава.
За работењето на „Нова логистик“, фирма ќерка на „Фени“ која била приватизирана, „Ролис“ исто така дел од „Фени“ и за бугарски „Екекод“, компанија заинтересирана да го купи комбинатот, предмети отворило и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.
Вчера против директорот Миракхмедов и против раководството на „Фени“ кривични пријави поднесе БСГР малцинскиот партнер во сопствеништвото на „Фени“.
Банките иницираа поведување стечајна постапка за фабриката поради истечените рокови за отплата на кредитите. Рочиштето на кое ќе се одлучува дали ќе се отвори стечајна постапка за „Фени“ е закажано за 13 ноемри во Основниот суд во Велес. До тогаш, банките најавија дека се отворени за раговори со заинтересирани инвеститори кои ќе можат да ја преземат фабриката, да овозможат да продолжи производството и да го сервисираат долгот кој само кон банките изнесува 40 милиони евра.
Во меѓувреме во Централниот регистар сменето е раководството на фабриката и како директор е заведен Рајчо Кацаров, кој е извршен директор на бугарски „Енекод“, фирма која имаше неуспешни преговори со банките за купување на фабриката, а тргнато е името на Јусуф Миракхмедов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.