| четврток, 6 декември 2018 |

Професорот Јанчовски реагира – отвореното писмо до Жерновски е извадено од контекст

Откако „Република“ го објави првото отворено писмо кое скопјанецот Тихомир Јанчовски, професор по македонски јазик и поет, преку „Фејсбук“ му го упати на новиот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, тој реагираше дека неговото писмо било извадено од конекст. Побара извинување од порталите кои го презеле отвореното писмо. „Република“ немаше намера ниту да извади нешто од контекст ниту некого да навреди. Му се извинуваме на Јанчовски. Тој го објави и второто писмо во кое појаснува за што се работи. Ви го пренесуваме интегрално и второто писмо:

Здраво Жерновски,
Пак јас. Види, бидејќи има секакви уредници кои објавуваат крадешкум и си толкуваат по свое… и ми го вадат писмото прво од контекст, еве ти кажувам што да правиш пак.

Таткото на воинот, што личи на мене, остави го мадро, или испорачај ми го пред зграда, како што ти пишував… Гемиџиите и другите таму наведени споменици – остави ги. Толку за тоа. А сега да се цитирам малку себеси, од пред две недели, и ти препорачувам сите долунаведени споменици да ги тргнеш под итно или да ги сокриеш некаде, оти не се некоја „убавина“. Напротив. А ако го оставаш и Воинот на коњ, потегни и иницијатива Скопје, или барем општината Центар, да се преименува во Воиново. За овие ти давам одврзани раце, прави им што сакаш. Ерго, цитат:

• Јустинијан не личи на себе, туку на дебела жена;
• Коњот на Карпош му е краден од Мештровиќ (оној од црвената стодинарка во СФРЈ), мустаќите му се добри.
• Воинот е преголем, а и што треба тој да е централно? Покрај Гемиџиите или Свети Климент? За инает на Грците? Да е поголем од нивниот во Солун? Да го зјапаат туристи?
• На комитите на коњи не им стојат одела. Да ми извините, ама Гоце Делчев од Градски парк, правен во комунизмот, е 100 пати поарна статуа.
• Огромен споменик на Филип II, антички херој што играл пијан сред мртвите тела на непријателите по битка, ставен пред црква… Св. Димитрија? (среќа личи на мене па не го претопувај, нека остане некаде…пссст…знаеш каде)
• А, Самоил, претставен како седи? Сте му ги ѕирнале стапалата? Kој број носел, 99?
• Па споменикот на АСНОМ, фигурите се со толку големи глави што личат како деца прво одделение;
• Близу до нив, Прометеј, со пелената, пред коњите, личи исто како Германец од пропагандните филмчиња на Лени Рифенштал, што женава ги сними за хитлеровата Олимпијада, Берлин 1936;
• Во Жена-парк и Славко Јаневски е ставен, што украде цела книга од Шолохов само за да е автор на првиот македонски роман, пред Стале Попов? А Блаже Конески таму го нема. Па јас него би го ставил место воинот, да ме прашува некој“ (завршен цитат)
На сите овие, што е до мене, слободно може да им правиш што можеш, и што сакаш, во рамките на своите должности и ингеренции. Ама пак ти велам, не руши се’, оти глупаво е да рушиш се’ што некој друг градел…сепак, ист народ сме. Не сме си душмани.

Ете, да беа поначитани, немаше да вадат од контекст што сум напишал, и да ме објавуваат како твој непријател а нечиј пријател, оти јас сите Македонци ги сметам за свој народ, биле тие од вемеро или есдеес, или од твојата партија, или од која и да е. А тие пак што не се по партиите и политиката, ми се најсимпатични. Не дека сум нешто па ни јас толку посебен, само се трудам да судам по својата совест и да не држам страна никому. Ми се може. Има и такви.

Поздрав Жерновски, честито уште еднаш.

п.с. поздрав и до редакциите на портралите што објавуваат текстови без прашање. Брза кучка, што раѓа? На здравје. За памет. (писмо прв дел)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top