| четврток, 6 декември 2018 |

Смешни владици, празни цркви

Се чини дека Македонската православна црква, односно досетливиот архиепископ, го осмислиле најоригиналното решение за деценискиот проблем во Австралија. Едноставно, да ги поништат, избришат Македонците

Верниците што се венчани во Австралија ќе мора да се преиспитаат дали, навистина, се во црковен брак. Архиепископот Стефан ставил потпис на одлука донесена од Синодот на МПЦ со која се бара препогребување, превенчавање и прекрстување на сите Македонци од Австралија, кои не се дел од црквите што се под јурисдикција на владиката Петар.

Верниците, чиишто роднини починале, имаат рок до крајот на септември в година да извршат нивно препогребување. Толкав е рокот и за повторување на црковните церемонии на тие што се венчале, како и за тие што се крстени – треба да бидат прекрстени од свештеници што ќе ги избере синодот.

Доколку го направат ова во дадениот рок, сè ќе им биде бесплатно. Во спротивно, ќе им ги тарифира по ценовниците на црквата. Доколку не го направат ни тоа, ќе бидат исклучени од црквата и ќе имаат забрана за причест.

Згора на сè, верниците добиваат понижувачки третман – тие се именувани како таканаречени верници.

– Во 2010 година ме крштаваше прота Пајко во манастирот во кумановското село Скачковце. Две години подоцна тој беше суспендиран најпрвин на еден месец, па потоа доби продолжена суспензија за уште еден, за на крај да биде трајно суспендиран и отстранет од работа. Епархискиот црковен суд оценил дека свештеникот имал безобразно однесување. Едно од нив е дека живеел двоен живот со друга жена. Дали тоа значи дека јас треба да се прекрстам?! Ако ја следам одлуката на Синодот за верниците во Австралија, некако логично е и моето крштавање да е неважечко. Дали јас сум т.н. верник?! – коментира 30-годишната Бојана.

Ова не е првпат верниците во Австралија да се соочат со проблеми со црквата. Неодамна австралиско-новозеландскиот администратор, владиката Петар му забранил на својот свештеник да погребе Македонка само затоа што не била дел од неговата црква, туку од црквата што ја управува владиката Тимотеј, па погребот го извршил свештеник на Украинската црква.

tema164-2

Владиката Петар вели дека ова е одлука со која ќе се надмине повеќедецениската голгота меѓу верниците во Австралија.

– Нејзината цел е тие луѓе да се преиспитаат и да се изјаснат дали ќе бидат дел од МПЦ или ќе останат во парацрква – вели владиката Петар.

За владиката Петар тука нема ништо скандалозно. Вели, не им е нанесена никаква штета на верниците. Според него, околу илјада од нив веќе одново се прекрстиле или венчале откако увиделе дека се во заблуда. Како своевидна олеснителна околност за верниците, владиката ја наведува можноста новите венчавки и крштавања да бидат колективни.

Игор Александров, еден од екскомуницираните претставниците на општините што не ја признаваат јурисдикцијата на надлежниот администратор владиката Петар, во својот коментар порача „сега преостанува само да видиме дали ќе се повторат илјадниците крштенки, венчавки и погреби оспорени од страна на расчинетиот владика Петар пред да се повтори изборот на архиепископот Стефан, чијшто прв избор Петар, исто така, го прогласи за невалиден“.

– Претпоставувам дека зависи од тоа дали партнерот го прифаќа Петар како специјален Божји кадија, а Стефан како негов секретар. Во меѓувреме, се надевам дека Петар ќе одржи прес-конференција на која ќе потврди дали Мерилин Монро била крстена од „вистински свештеник“ и ако не била дали тоа е причината за нејзиниот абортус, кој довел до нејзиното самоубиство – вели саркастично Александров.

Ваквата скандалозна одлука, која придонесува луѓето да „излезат“ од црквите, ја коментира и новинарот Марјан Николовски, кој ги следи црковните случувања.

– Не е скандалозно. Срамно е! Се чини дека Македонската православна црква, односно досетливиот архиепископ, го осмислила најоригиналното решение за деценискиот проблем во Австралија. Едноставно да ги поништат, избришат Македонците. Просто е. Најлесно е. Да! За Синодот, можеби, но за реалноста? Па што ќе им е на владиците реалност? Тие и така одамна живеат нереално – коментира тој.

tema164-3

Тој низ еден, можеби, комичен, но многу реален начин постави неколку прашања: Дали и како треба да се врши откопувањето на покојникот, во која црква треба да се пренесе? Дали треба да се отвори и ковчегот? Што треба да направат најблиските роднини? Дали е задолжително, или не да се повикаат баби редачки?

– И, најзначајното, во молитвата за крштавањето треба да има одредени промени. На пример, новокрстените, место три пати да кажат „се откажувам од ѓаволот“, задолжително гласно да извикуваат – „се откажувам од Игор Александров”… Замислете МПЦ да проповедаше ислам… Не им бегаше сунет по вторпат – коментира Николовски.

Ова е само една од работите со која Синодот ги одвраќа верниците. Православните верници се надвор од црквите. Минатогодишното покачување на цените само дополнително придонесе да се избегнуваат венчавки во црква, да се избегнуваат крштавања деца. Цената е 6.000 денари венчавка со еден поп, 7.000 со три попа, 4.000 крштенка, 3.000 денари погреб…

Уставот вели дека се гарантира слободата на вероисповед. Јас имам право да изберам вера… Кога јас ќе ја изберам верата, црквата треба да биде благодарна што сум ја избрала нејзината вера… Зар благодарноста се искажува со земање пари?!

Кој е тој православен верник што би верувал во црквата, во поповите со скапи џипови, автомобили, во поповите што ги качуваат цените затоа што скокнале трошоците за живот?! Кој е тој православен верник што ќе верува во свештените лица ако ја слушнал изјавата дека владиката и портпарол на Светиот синод ќе коле по една крава секој ден пред портите на сѐ уште непочнатиот туристички центар на Субрата Рој, ако слушнал дека Скопската епархија само од имотите во Сопиште заработила девет милиони евра, а не сака да направи нова црква за верниците, чиишто предци тие имоти ги дале како вакаф и, последно, но не помалку важно, кој е тој верник што гледа како неговите владици се возат со непотребно скапи возила и, во најновиот случај, возат јахта, а претходно се заколнале на скромност и на сиромаштија. Токму скандалите и високите цени ги празнат црквите. Свештените лица повеќе се занимаваат кој ќе биде владика, со политика, отколку да привлечат нови верници. Социолозите сметаат дека МПЦ мора да ги привлекува верниците преку различни форми, но МПЦ, коментираат тие, не ги користи сите можности. Социологот и универзитетски професор Зоран Матевски во една пригода коментира дека Црквата мора да се модернизира, да внесе промени, да ја има повеќе во медиумите.

Но, да ја има во медиумите по позитивните пораки, по одлуки што ги носат верниците в црква, а не со скандали и со срамни одлуки на Синодот.

Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 164. број на неделникот „Република“, 23.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top