| четврток, 6 декември 2018 |

69,4 проценти од домаќинствата имаат интернет

Во првиот квартал годинава 69,4 проценти од домаќинствата во Македонија имале пристап на интернет од дома, што е за еден процент повеќе во споредба со  истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 67,7 проценти во 2014 година, на 69 проценти годинава.  Речиси сите, 99,5 проценти, од домаќинствата со интернет-пристап, имале широкопојасно (фиксно или мобилно)  поврзување на интернет.

Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, во првиот квартал годинава компјутер користеле 69,2 проценти, a интернет 70,4 проценти.

Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 94,7 проценти, а 71,2 проценти од корисниците на интернет во првото тримесечје од годинава употребиле мобилен или паметен телефон за пристап на интернет надвор од дома или од работа.

Над 15 проценти од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, а мнозинството, 66,9 проценти, од нив, купиле облека или спортска опрема.

Од лицата што не купувале преку интернет во последните 12 месеци, речиси 80 проценти претпочитаат да купуваат лично во продавница, сакаат да го видат производот, од навика и сл., а 28 проценти не купувале поради загриженост за безбедноста при плаќањето или приватноста (давање податоци од кредитна картичка или лични податоци на интернет).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top