| четврток, 6 декември 2018 |

Њујорк е новиот Мајами (видео)

Њујорк никс е новиот Мајами хит, а забревтаниот кошаркарски клуб од големото јаболко не го сопреа ниту Кевин Дјурент и Расел Вестбрук, со соиграчите од Оклахома тандерс. Њујорк славеше во дербито со 125-120 и ја забележи 12. победа во серија. Мајами сезонава имаше дури 27 во низа, а апсолутниот рекорд е на генерацијата на Лос Анџелес лејкерс од 1971/72. Ако сака подвиг, Њујорк ќе мора да ја освои титулата во НБА, без пораз до крај, што би го довело до 34 победи во серија.

Покрај успехот во Оклахома, Њујорк има уште една причина за радост бидејќи сега крилото на Никс, Кармело Ентони, е прв стрелец во лигата. Тој во директен дуел го надигра конкурентот Дјурент и го прескокна на врвот. Ентони даде 36 поени, а Дјурент имаше 27, па сега играчот на Никс има просек од 28,44 поени, пред крилото на Оклахома, кој остана на 28,3 поени по натпревар.

Сепак, и од нив имаше поефикасен на мечот. Епитетот прв стрелец на дербито го понесе Вестбрук со 37 поени. И тоа беше недоволно да се запре машинеријата на Њујорк.

Во втората мега-пресметка, Лос Анџелес клиперс си направи место во клупската историја, со триумф над градскиот ривал Лос Анџелес лејкерс, од 109-95. За првпат, Клиперси се шампиони во Пацифик дивизијата од западната конференција, а, исто така, за првпат, во иста сезона ги добија сите 4 натпревари против градскиот ривал. Интересен е податокот дека и тука најефикасни беа играчи од поразениот тим. Коби Брајант и Двајт Хауард постигнаа по 25 поени, или по еден повеќе од олстар-дуото на Клиперс, Пол и Грифин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top